На антивладините протести во Багдад денеска загинаа пет лица, а десетици се повредени, додека во јужниот град Насирија загинаа три лица, а над 40 се повредени.

Како што соопшти висок претставник од ирачката безбедност, демонстрантите во Багдад загинале кога безбедносните сили испалиле боева муниција да ги растераат.

Тој рече дека полицијата употребила и солзавец и гумени куршуми против демонстрантите кои протестираат поради лошите услови за живот во Ирак.

До насилство во Насирија дојде откако ирачката шиитска милитантна група Асаиб Ал ал-Хак отвори оган врз група демонстранти кои се обиделе да влезат во нејзината локална канцеларија. Во исто време, во јужниот град Амара  повредени се најмалку 18 лица кога демонстрантите се обиделе да влезат во канцелариите на локалната милиција.

Претходно, медиумите јавија дека демонстранти ги запалиле канцелариите на шиитски политички партии и шиитска милиција во јужната ирачка провинција Мутана. Гореле и канцелариите на движењата „Хикма“ и „Ашаиб Ал ал-Хак“.

На фотографии што беа споделени, се гледаа демонстрантите додека ги уриваат бетонските бариери и оградите од бодликава жица што ги штитат владините згради во утврдената Зелена зона.

Ирак е сведок на антивладини протести на национално ниво од почетокот на октомври во кои се бараше акција за надминување на високата невработеност на младите, сиромаштијата, лошите услуги и корупцијата.