Десетици илјади луѓе повторно се собраа на улиците во Минск, и покрај заканите од официјалните лица дека ќе употребат огнено оружје со боева муниција против демонстрантите.

Новинската агенција Интерфакс известува дека над 30.000 луѓе се собрале на протестите и дека биле уапсени околу 50 демонстранти.

Истиот извор наведува дека сигналот на мобилната мрежа бил прекинат во некои делови од градот, како и дека во близина на демонстрантите можеле да се слушнат силни звуци слични на оние произведени од експлозија на шок-бомба.

Во Белорусија се одржуваат протести уште од претседателските избори на 9 август, кога според официјалните податоци победи долгогодишниот лидер Александар Лукашенко. Опозицијата тврди дека изборите биле наместени и бара оставка од Лукашенко и нови избори.

Полицијата досега има уапсено 13.000 демонстранти, вклучително и значајни опоозициски лидери коишто не ја напуштиле земјата.

Министерството за внатрешни работи на Белорусија потврди дека припадниците на органите на прогонот во саботата уапсиле 58 демонстранти на протестите одржани во повеќе градови, за кршење на законот за одржување масовни протести.