Силни ветришта и тешки временски услови го погодија североисточниот дел на САД во текот на вчерашниот ден, еден ден откако повеќе торнада и невреме протатнеа низ јужниот дел од САД и убија најмалку 32 лица, пренесува „Спутник“.

Националната метеоролошка служба на САД објави претходно дека крајбрежјето на Среден Атлантик во југоисточен Њујорк и дел од јужна Нова Англија ќе се соочат со силно невреме.

– Неколку силни невремиња со град и налети од ветер се можни над северниот дел на Флорида попладнево и подоцна вечерва – објави службата.

Во часовите што следеа по првичните предупредувања од официјалните лица, соборени беа дрвја и далноводите беа низ државата Њујорк откако моќните ветрови ја погодија областа. Силен ветер од околу 70 км/час дувал и во Њу Џерси и Делавер, пренесува Weather.com. Во твит во понеделникот, градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, ги повика њујорчаните да останат дома.

Како резултат на силното невреме, околу 15 милиони луѓе долж Источниот брег преку Делавер, Мериленд, Њу Џерси и централна и источна Пенсилванија беа ставени под надзор за торнадо.

Повеќе патишта во Конектикат, исто така, беа затворени во понеделникот поради моќните налети на ветер. Локациите за тестирање за ковид-19 во Њујорк, Њу Џерси и Конектикат беа затворени. Предупредувања за силен ветер беа издадени и во североисточниот дел на Северна Каролина и југоисточна Вирџинија до крајбрежјето на Мејн, како и за делови од источното Големо Езеро и Апалачките Планини, објави Weather.com.

Во неделата имаше најмалку 40 пријави за торнада низ Тексас, Арканзас, Луизијана, Мисисипи, Алабама, Џорџија, Тенеси и Каролина.

Поради невремето, кое предизвика поплави и лизгање на земјиштето во регионите помеѓу Тексас и Мејн, гувернерот на Алабама, Кеј Ајви, во неделата ги олабави правилата за социјално дистанцирање поврзани со ковид-19 бидејќи државата се соочи со тешки временски услови.

Во Чатанога, Тенеси, оштетени се најмалку 150 куќи и згради, а во Арканзас едно лице загина откако дрво паднало врз неговиот дом во Вајтхол. Други смртни случаи поврзани со невремето се забележани во Јужна Каролина, Џорџија, Северна Каролина, Тенеси, Мисисипи и Алабама.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се осврна на уништувањето на брифингот во Белата куќа и изјави дека неговата администрација прави сé што е можно за да ги врати тие заедници на нозе.