Најмалку 50 лица загинаа откако воз излета од шините во југоисточната провинција
Танганика рано утрово, соопштија од министерството за внатрешни на ДР Конго.

Несреќата се случила околу три часот наутро по локално време во градот Мајибариди,
како што соопшти министерот Стив Мбикаи, а пренесе „Ал џезира“. Покрај загинатите, во несреќата се повредени и 23 лица.

Мбикаи на Твитер упати сочувство до семејствата на настраданите во несреќата. На терен беа испратени службите за расчистување на случајот.

Железничкиот сообраќај во ДР Конго има црн биланс, затоа што пругите се во лоша
состојба, локомотивите се стари, а повеќето од нив датираат уште од 1960-тите години.

Во март загинаа најмалку 24 лица, а 31 беше повредено кога товарен воз пренесувал
нелегални патници во централниот регион Касаи. Лани во ноември, 10 шверцувани
патници загинаа, а 24 беа повредени во близина на градот Самба, кога откажале
кочниците на товарниот воз што ги пренесувал. Во ноември 2017 година, загинале 35 лица кога товарен воз што пренесувал 13 нафтени цистерни паднал во клисура во јужната провинција Луалаба.