Украинскиот парламент денеска го именуваше Денис Шмигал за нов премиер, откако Олексиј Хончарук во понеделникот поднесе оставка.

За новиот премиер гласаа 291 пратеник, а за негов избор беа потребни 226 гласови, објави ТАСС. Досега, Шмигал служеше како вицепремиер.

Пратениците на Врховната рада со големо мнозинство претходно ја прифатија оставката на дотогашниот премиер Хончарук, чија работа изминативе неколку месеци беше остро критикувана од претседателот Володимир Зеленски, пренесува АП.

353 пратеници гласаа за оставка на Хончарук, додека 40 беа воздржани.

Зборувајќи пред пратениците пред гласањето, Зеленски го критикуваше поранешниот премиер бидејќи не успеал да го спречи индустрискиот пад и за неуспех во исполнувањето на целите во даночната политика.

– На владата ѝ требаат нови мозоци и нови срца – рече Зеленски.

Шмигал (44), кој беше назначен за вицепремиер минатиот месец, претходно ја предводеше регионалната администрација во западниот регион Ивано-Франковск.