Демонстрантите против цените на горивата „Жолти елеци“ во Белгија синоќа се судрија со полицијата и запалија цистерна, јавија локалните медиуми.

Во земјата од минатиот петок се организираат протести, со блокади на резервоари за гориво. Вчера во попладневните часови полицијата со водени топови растурила блокада јужно од Брисел.

Синоќа на местото на растурената блокада се вратиле стотици демонстранти и некои од нив предизвикувале немири, изјавиле сведоци. Дел од демонстрантите фрлале разнобојни димни бомби, дури и врз приватни автомобили, но и и сечеле дрва со кои направиле барикади на магистрлниот пат во близина. Патиштата во реонот и денеска се непроодни, а полицијата засега се повлекла.

Трговците со гориво тврдат дека демонстрантите веќе не пропуштаат ниту цистерни со мазут за греење. Според нив, криза со снабдување со гориво во Белгија нема да биде дозволена, но може да се очекува доцнење во снабдувањето.

Незадоволните граѓани се и против изедначувањето на акцизата за дизел и бензин. До неодамна, во Белгија, употребата на дизел возила беше охрабрувана од државата со даночно олеснување, но минатата година одеднаш политиката се сврте со објаснувања за грижа за природата. Според статистичките податоци, дизел моторите во Белгија се за една третина побројни од бензинските, а за најстарите од нив се воведуваат забрани за движење во централните делови на големите градови.

Владата соопшти дека нема да се повлече од својата актуелна економска политика, која предвидува зголемување на даноците за гориво наспроти намалување на севкупното даночно оптоварување за работниците. Според економистите, куповната моќ во Белгија во изминатите неколку години постојано расте и ја надминува инфлацијата, која е на 40 отсто од почетокот на векот. Истражувањата, сепак, покажуваат дека оваа позитивна слика најмалку се однесува на луѓе со ниски приходи, а особено на самохрани родители.