Учесниците во протестите во Хонгконг денеска се собраа пред британскиот конзулат, каде од поранешниот колонијален владател со овој регион побараа да изврши притисок врз Кина, со цел земјата да ги почитува преземените обврски кон загарантираните слободи на оваа полуавтономна кинеска територија.

Демонстрантите бараат Велика Британија да преземе мерки бидејќи, како што велат, Кина не ја почитува кинеско-британската декларација.

Кинеско-британската декларација била потпишана во 1984 година и со неа се дефинира иднината на Хонгконг по неговото враќање под кинеска управа во 1997 година, според формулата „една земја, два система“ која гарантира одредени слободи што не ги уживаат кинеските државјани.

Кина тврди дека Хонгконг сега е нејзино внатрешно прашање, но дека го почитува начелото „една земја, два система“ и дека не се меша во внатрешните прашања на овој регион.

Кинските официјални претставници ги обвинуваат странските сили, особено САД и Велика Британија, дека ги поттикнале немирите во Хонгконг и ги предупредија да не се мешаат во внатрешните работи на Кина.

Велика Британија, пак, смета дека како копотписник на договорот има правна одговорност да обезбеди Кина да се придржува до декларацијата од 1984 година.

Сепак, не е сосема јасно, што конкретно Велика Британија навистина може да стори со оглед на фактот дека по излегувањето од ЕУ, земјата се надева на посилна трговска соработка со Кина, која од 1997 година е втората светска економија, пренесува агенцијата „Хина“.