Напорите на демократите да го отповикаат американскиот претседател Доналд Трамп добија интензитет за време на викендот, иако сè уште не е познато дали доволно републиканци ќе го поддржат овој потег неколку дена пред крајот на неговиот мандат.

„Демократите во Претставничкиот дом планираат да поднесат обвинување за да го отповикаат претседателот откако Трамп ги поттикна неговите приврзаници да го нападнат Капитол во средата“, објави демократот Тед Лиу на „Твитер“.

Демократот од Калифорнија, кој помогна во изготвувањето на обвинението, рече дека 190 пратеници ги дале своите потписи. Ниту еден републиканец не го сторил тоа до саботата попладне, рече портпаролката на Лиу.

„Имаме снимки од говори во кои Трамп ја поттикнува толпата. Имаме снимки од толпата што насилно го напаѓа Капитол“, рече Лиу во изјавата.

Трамп прво ги пофали своите приврзаници во Капитол, а подоцна објави видео во кое го осудува нивното насилство и ги повикува да си одат дома. Пет лица, вклучително и полицаец што го чуваше Капитол, беа убиени во немирите во средата, а десетици се обвинети за напад на Капитол.