Доналд Трамп не се обратил јавно повеќе од три недели, што е некарактеристично долг период на молк од поранешниот американски претседател, кој ја темелеше својата политичка кариера врз бројните објави на социјалните мрежи и телевизиските појавувања. Демократите сега ги искористија зборовите на Трамп против него, приложувајќи стотици твитови и видеа за да ги поткрепат нивните аргументи на судењето за импичмент на Трамп во Сенатот, пишува „Фајненшл тајмс“.

Многумина републиканци не беа импресионирани од оваа тактика. Нивниот недостиг на интерес се должи на сознанието дека Трамп нема да биде осуден. Извесната ослободителна пресуда која би можела да стигне веќе во претстојниот викенд, ќе биде удар врз противниците на Трамп кои се надеваа дека со пресудата тој нема да може повторно да се кандидира за претседателската функција. За Трамп да биде осуден потребно е двотретинско мнозинство во Сенатот, кој моментно е поделен на половина помеѓу двете партии. Но демократите сметаат дека нивните напори не се залудни.

– Има два суда. Тука е Сенатот и судот на јавното мислење – вели Мери Ен Марш, стратегот од Демократската партија, која додаде дека судењето за импичмент ќе ги прогонува републиканските сенатори со години.

Демократите преку телевизиските настапи прикажаа слика на Трамп, кој според нив, го одоброволувал десничарскиот екстремизам и активно ја поттикнал толпата што упадна во Конгресот на 6 јануари, за да го оневозможи прогласувањето на изборната победа на Бајден. Тие затоа сметаат дека судењето ќе придонесе за промена на јавното мислење.

– Нема да има промена во Сенатот, но мислењето на јавноста веројатно ќе се смени. Имате дел од Републиканската партија кој можеби првпат ќе види дека овој човек претставуваше катастрофа, и дека тие можеби ќе пропаднат заедно со него, ако му дозволат да се врати – смета Лари Сабато од Центарот за политика на универзитетот „Вирџинија“.

Трамп уште ја ужива поддршката на десничарското јадро на Републиканската партија, но има знаци дека ги губи симпатиите меѓу поумерените членови на партијата.