СЗО, но и преостанатите анализи на други меѓународни здравствени институции предупредуваат дека високата вирулентност на делта-сојот би можела да предизвика несакани последици кај големиот број инфицирани луѓе на Стариот Континент, од што би се создала состојба во која европските земји ќе бидат принудени да ги вратат рестрикциите порано од првичните прогнози, кои беа најавени за наесен

Загрижувачки податоци на меѓународните здравствени институции

Делта-варијантата на коронавирусот, првпат откриена во Индија, која значително се прошири низ цела Европа во текот на летото, можно е многу побрзо да го затвори Стариот Континент повторно, иако се прогнозираше тоа да се случи некаде наесен. Со вакви процени деновиве излегоа повеќето од западните медиуми, кои пишуваат дека состојбата со ширењето на мутираната инфекција би можело веќе од август повторно да ги врати рестрикциите и карантините назад во сила низ повеќе земји во Европа. Имено, како што пренесува „Јуроњуз“, најсериозна е состојбата во Британија каде што и покрај големата бројка на имунизирано население, таму делта-варијантата на ковид-19 го зголеми бројот на згрижени пациенти во болниците. Дополнително, како што јавува медиумот, проблем за брзото ширење на мутираната варијанта од вирусот е и фактот што голем број од населението низ Европа не е имунизирано докрај, односно ја нема примено втората доза од вакцината против коронавирусот. Сево ова, според „Јуроњуз“, навестува дека новиот бран на Стариот Континент би можел да дојде порано, односно дури и на почетокот од август. Д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, вели дека случаите со ковид-19 сега во Европскиот Регион првпат растат во последните 10 недели, вклучувајќи и во некои земји од централна Азија.
– Минатата недела бројот на случаи се зголеми за 10 проценти, поттикнат од зголемено мешање, патувања, собири и олеснување на социјалните ограничувања – изјави Клуге на прес-конференција за медиумите, додавајќи дека варијантата делта веќе ги надминува другите варијанти во регионот.

– До август, во Европскиот Регион, според СЗО, ќе биде доминантна делта-варијантата, иако до август регионот нема да биде целосно вакциниран. Околу 63 отсто од населението во Европа сè уште чекаат на втора доза од вакцината против коронавирусот – рече Клуге.
Во исто време порастот на бројот на случаи ја зголемува загриженоста дека варијантата делта би можела да го запре напредокот што ЕУ го постигна во изминатите два месеца, намалувајќи ја стапката на смртност од ковид-19 на најниско ниво уште од есеноска. Научниците сега се насочени кон Русија, но и кон Обединетото Кралство, каде што бројот на случаи со ковид-19 е тројно зголемен месецов и каде што варијантата делта опфаќа 98 отсто од новите случаи, во обид да најдат одговори во однос на преземањето нови мерки. Податоците покажале и дека варијантата делта го зголемува ризикот од хоспитализација за 2,2 пати во споредба со првичниот вид на ковид-19.
Дали кластерите на варијантата делта низ ЕУ ќе се претворат во поголеми жаришта, ќе зависи од бројот на целосно вакцинираните, пишува РСЕ. Според медиумот, кој се повикува на процени на научниците, ваквата слика низ Европа се должи на однесувањето на луѓето кога поголемиот дел од рестрикциите се укинати.
Во меѓувреме, слично како и Велика Британија, и Русија информира дека делта-видот направил рекорден број новозаразени лица во Москва. Руската федерална агенција за биомедицина (ФМБА) соопшти дека открила нова варијанта на коронавирусот, која е способна да ја намали ефикасноста на лекувањето и превентивните лекови, вклучувајќи ги и вакцините, соопшти денеска агенцијата.

– Руски научници од ФМБА открија нови варијанти на ковид-19. Мутациите се откриени примарно во Це-протеинот и во доменот на врзување за човечките рецептори. Може да ги промени биолошките својства на вирусот и клиничките знаци на инфекцијата, а може да ја намали и ефикасноста на лекувањето и на постојните вакцини, кои се тестирани на претходните видови ковид-19 – наведува ФМБА. Официјални лица на СЗО неодамна изјавија дека Африка останува континент што предизвикува загриженост, бидејќи таму се евидентирани околу пет проценти од новите инфекции и околу два процента од смртните случаи во светот.
– Делта е на добар пат да стане доминантен вид во светот поради високата инфективност – соопшти главната научничка на СЗО, Сумја Сваминатан.