Богатото семејство на Осама бин Ладен ги преживеа последиците од нападот на 11 септември во САД, но неговото богатство создадено благодарение на градежништвото вртоглаво се намали откако почна подемот на саудискиот принц Мохамед бин Салман, објави „Франс прес“.

Една деценија по смртта на Осама бин Ладен, градежната империја на неговиот татко се соочува со огромни долгови. Откако беше спроведена антикорупциска акција, Саудиска Арабија ја презеде контролата врз градежната компанија „Бин Ладен Груп“.

– Семејството го преживеа 11 септември, но тие не можеа да го преживеат Мохамед бин Салман – изјави еден од изворите за „Франс Прес“.

Поранешниот претседател на компанијата, Бакр бин Ладен (70), кој е полубрат на Осама, е во притвор од 2017 година. Покрај него, во хотелот „Риц-Карлтон“ во Ријад беа затворени членови на благородништвото, тајкуни и владини министри. Неговите браќа Саад и Салех, кои беа исто така уапсени, подоцна беа ослободени, но мораат да носат електронска нараквица во домашен притвор.

Владата се стекнала со колективниот удел на тројцата браќа, односно со 36,2 отсто во компанијата. Властите, исто така, запленија голем број вили, приватни авиони и луксузни автомобили, а на членовите на семејството им беше забрането да патуваат во странство.

Таткото на Осама, Мохамед бин Ладен, кој по потекло е од Јемен, во 1931 година ја основаше компанијата која прерасна во империја вредна повеќе милијарди долари. Бидејќи цените на суровата нафта растеа, така и неговиот бизнис цветаше. Компанијата е тесно поврзана со саудиските владетели во толку голема мера, така што Бакр бин Ладен одржувал работна просторија во рамките на кралскиот двор, која служела како „банкомат“ за членовите на кралското семејство кога им биле потребни заеми.

Но, нивното богатство почна да опаѓа со доаѓањето на Салман на тронот на Саудиска Арабија во 2015 година. Фирмата доби повеќемесечна забрана за изведување на нови проекти Откако кран на фирмата се урна во Големата џамија во Мека, убивајќи над 100 лица.

Потоа, цените на нафтата резултираа со намалување на владините приходи, како и доцнење на нивните исплати. Но, најголемата штета предизвика акцијата која се случи во 2017 година. Влијание на моментната состојба има и блискоста на семејството со поранешниот принц и престолонаследник, Мохамед бин Најеф, кој беше симнат од власта од Мохамед бин Салман.

– Изминатите пет години беа навистина тешки за сите членови на нашето семејство. Сè што ние сакаме е да свртиме нова страница, да го ослободиме чичко ми Бакр и да се вратиме на тоа што го правиме најдобро, а тоа е градење на кралството – рече еден член од третата генерација на фирмата.