Списокот имаше повеќе од 200 имиња. Марта Џејмс, Грејс Пол, Ребека Џозеф, Мери Али, Рут Коло. И многу други. На нигериските функционери им беа потребни недели да ги објават имињата на сите ученички кои Боко Харам ги киднапира од интернат во селото Чибок пред четири години ноќта на 14 април. Кога конечно ги објавија, бројките беа застрашувачки.

Списокот брзо дојде во рацете на очајните родители кои трагаа по своите ќерки. Некои од нив на мотори ги бркаа исламските екстремисти кои упаднаа во училиштето, ги внесоа девојчињата во камиони и ги однесоа под закана со оружје. Војниците исто така, го користеа списокот додека трагаа по исчезнати ученички, пребарувајќи шуми, испраќајќи авиони и барајќи помош од странски армии. Преговарачите ги проверуваа имињата додека со екстремистите преговараа за ослободување на девојките. А списокот послужи и како инспирација за протести кои се одржаа стотици километри подалеку, во главниот град на Нигерија каде демонстрантите секој ден повикуваа да се вратат девојчињата.

– Со секое име, мојата решеност беше се посилна, изјави Оби Езеквесли, поранешен министер за образование кој ги предводеше протестите. Тие не беа само статистика. Тие се човечки суштества. 

Далеку од таму во Америка, Франција, Јужна Кореја и на други места јавни и познати личности се приклучија кон повикот. Вратете ги нашите девојки, бараа тие. 

Со години тинејџерките се водеа како исчезнати и пораснаа од девојки во жени изгубени во рацете на екстремистите  познати по тоа дека ги тепаат и силуваат своите затвореници. А тогаш многу нивни имиња беа прецртани на списокот.

– Се вратив, изјави Хауа Нтакаи една од ученичките во Чибок.

Речиси четири години после киднапирањето повеќе од сто девојки од Чибок сега живеат во мирен универзитетски кампус во североисточна Нигерија и ги поминуваат деновите учејќи математика и англиски, одејќи на караоке и снимајќи селфија, и гледајќи филмови со пуканки.

Владата испреговара ослободување на многу ученички од Чибок кои се ослободени во последните година и пол дена. Мал број кои претходно избега се пронајдени како талкаат. Но повеќе од сто нивни другарки Боко Харам и понатаму ги држи во заробеништво а за некои од нив се верува дека се мртви.

– Среќна сум, вели Нтакаи која беше 169 на списокот. Сега е 20-годишна студентка која станува наутро за во сабота да оди на јога и да расправа за предностите и опасностите на социјалните медиуми.

– Но мислам на сестрите кои се уште се таму во канџите на Боко Харам, додава.

Нигерија веќе девета година војува со Боко Харам – група која уби и киднапира илјадници цивили. На многу начини ученичките од Чибок се само уште една во низата нивни жртви. Многу од овие девојки себеси сега се сметаат среќни. Големо мнозинство од жртвите на Боко Харам останаа анонимни. Многу семејства никогаш нема да дознаат што се случило со нив. Но девојките од Чибок имаа имиња. Сарату Ајува, Рут Амолс, Комфорт Хабила, Естер Усман. И во првите неколку недели по нивното киднапирање, кога Боко Харам објави фотографии од своите затворенички покриени од глава до петици со долги црни фустани, имаа и лица. Тинејџерките одеднаш станаа безволни претставички на сите мртви и исчезнати жртви. Станаа ќерки на Нигерија и гледано пошироко ќерки на целиот свет прифатени како да им припаѓаат на сите.

–  Кога се случи киднапирањето во Чибок тоа беше артикулација на цела сага, изјави Саудату Махди коосновач на движењето Вратете ги нашите девојки (Bring Back Our Girls).

– Тие станаа точка на собирање.

Но ослободените ученички исто така го носат и товарот на таа слава. Одат на приватен универзитет каде што се образуваат децата на нигериската елита. Соочени се со многу рестрикции. Не смеат да излезат од кампусот без придружба. Не можат да имаат посетители без посебна дозвола. И иако некои се породиле во заробеништво, нивните деца не смеат да бидат со нив.

Всушност девојките речиси и не ги виделе семејствата откако се ослободени. Веднаш откако биле пуштени биле однесени во Абуџа каде со недели биле во државен притвор и каде ги испрашувале за да добијат информации за нивните се уште исчезнати другарки, но и за да докажат дека не станале верни на Боко Харам.

Безбедносните агенти ги предупредија да не зборуваат за времето поминато со Боко Харам, тврдејќи дека тоа би можело да ја загрози безбедноста на ученичките кои се уште се заробени. Заборавете на минатото и свртете се  кон иднината, им рекоа. Со месеци пристапот до родителите им беше многу ограничен. Не смееја да ги напуштат спалните соби. Дури и денес со семејствата комуницираат преку телефон.

Минатото лето официјални претставници на Американскиот Универзитет во Нигерија отпатуваа во Абуџа за да се сретнат со властите. Универзитетот во 2014 година прими 20-тина ученички од Чибок кои ги киднапира Боко Харам но кои во рок од неколку часа успеале да избегаат. Администраторите сакале да ги примат и неодамна ослободените девојки. Целта им била да им се помогне да ги продолжат студиите, повторно да се сретнат со другарките и да се подготват за студентски живот.

Животите на ученичките од Чибок сега се многу организирани. Ги сметаат за високоризични цели. Како јавни личности тие се подложни на експлоатација, стравуваат властите.

– Никогаш нема да има нормален свет како во моментот пред киднапирањето, вели Махди.

Вработените на Универзитетот немаат искуство со едуцирање голема група поранешни заложници.

– Ќе ги примиме, па потоа ќе видиме што понатаму, се потсети дека тогаш рече претседавачот со Универзитетот Американецот Дон Дикли. – Беа трауматизирани како група и нивното лекување мораше да биде групно.

На Универзитетот вработените побрзаа да се подготват за ученичките и ја реновираа спалната соба одредена за нив. Продеканот за студентски прашања стана нивен де факто управник. Терапевт од САД кој ги третираше девојките што им избегаа на киднаперите е повикан да работи со психологот на ученичките. 

Минатиот септември пристигнаа повеќе од сто ученички. Некои други ученички се уплашија дека Боко Харам би можел повторно да дојде по девојките од Чибок, особено на Универзитет кој претставува еден вид западно образование кое Боко Харам го осудува. Други стравуваат дека самите девојки станале терористи.

По доаѓањето во кампусот девојките беа спроведени на првиот оброк во кафетеријата. Ги привлекуваа погледите на другите ученички.

– Се гледаше дека им е непријатно, вели Реџиналд Брагс поранешен инструктор во американската морнарица кој бил задолжен за девојките од Чибок. Администраторите им дозволија да јадат во нивната спална соба.

Иако сите имаат 20-тина години, жените се во програма која понекогаш делува како да е смислена за деца од основно училиште. Училниците се украсени со спајдермен и едноставни работни маси. На ѕидовите се залепени позитивни пораки: Никогаш не се откажувај. Верувај во себе. Блескај како ѕвезда. Жените делуваат смирено и опуштено, дури и радосно. Рејмон Обинду, харизматичен локален пастор за овие девојки подготвува проповеди полни со надеж.

– Заедно доживеале пекол, вели психологот Сомиари Дем која ги советува. – Тие го делат тој наратив. Жените на родителите им раскажувале за долгите периоди на глад додека биле со Боко Харам. Морале да готват и да перат за борците. Некои биле силувани. На една и недостига дел од ногата од повреди кои и ги нанеле припадници на Боко Харам.

Нтакаи Кеки (60) вели дека ќерка му Хауа му рекла дека во една прилика 30 пати била удрена со стап. Му раскажала како гледале тела на киднапирани деца и како гледале како борците умираат во воздушни напади.

Универзитетот не им дозволува на новинарите да зборуваат со девојките за нивното искуство.

– Тие израснале по американски стандарди. Дури и физички се возрасни жени, но ако го погледнет нивниот социјален развој тие се уште се многу ранливи, рече Брагс.

– Свесен сум дека луѓето мислат оти сум премногу заштитнички настроен. Не мислам дека тие се деца. Но постои одговорност која ми е доверена, вели тој.

На Универзитетот девојките зборуваат само на англиски, јазик со кој многу од нив се мачат (израснале зборувајќи хуса или локални јазици). Повеќето луѓе со нив не можат да комуницираат на други јазици.

Една од ученичките Глори Дама сака да го заврши факултетот и да се врати во Чибок за таму да работи  како медицинска сестра и да им помага на локалните жители. Друга Рода Питер сака да стане адвокат. – Знам дека сум на место каде никој нема да ме брка или да ми направи нешто лошо, вели 22-годишната Питер. – Тие се тука да ни помогнат. 

Грејс Хаман додека била заробена се тешела дека не се заборавени.

– Слушнав на радио дека луѓето се загрижени за нас, рече таа. Им благодарам на сите за се што направија за нас.

Њујорк Тајмс – Њујорк