Целосната елиминација на нуклеарното оружје е највисок приоритет за ОН, нагласуваат од глобалната организација. Во светот сѐ уште има околу 14.500 нуклеарни боеви глави. Нивниот број се намалува, но тие се модернизираат, па експертите предупредуваат дека е зголемен ризикот од т.н. ограничен напад со атомски бомби. На меѓународниот ден за нивно уништување, потсетуваме на деветте ситуации кога светот беше на работ на нуклеарен армагедон

Фрлените атомски бомби врз Хирошима и врз Нагасаки во август 1945 година го означија крајот на Втората светска војна и почетокот на ерата на нуклеарно оружје. Во Студената војна, политиката на заемно загарантирано уништување меѓу САД и Советскиот Сојуз (СССР) значеше дека ако една држава употреби нуклеарно оружје врз друга, тогаш таа што поскоро може да очекува еднаков убиствен одговор. За време на Студената војна и по неа, светот неколкупати се тресеше од страв кога суперсилите доаѓаа близу работ на нуклеарна војна, посочува американски Бизнис инсајдер. Во продолжение се издвоени девет ситуации кога светот за влакно успеваше да се спаси од нуклеарна апокалипса.

1. 5 октомври 1960 г., Месечината идентификувана како советски ракети: радарите за рано предупредување станаа еден од најважните уреди во нуклеарната ера. Радарски станици на САД беа изградени во светот со надеж дека навремено ќе ги откријат советските проектили, ќе предупредат за нуклеарен напад и ќе му овозможат на претседателот на САД соодветно да реагира.
На 5 октомври 1960 година, едно такво предупредување стигнало од радарската станица во Туле, Гренланд. Наводно, биле откриени десетици проектили, кои требало да стигнат до САД за 20 минути. Нуклеарната закана предизвикала паника во седиштето на Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД) во Колорадо, по што бил подигнат највисок степен на тревога. Паниката исчезнала кога раководството сфатило дека советскиот лидер Никита Хрушчов во тоа време бил во Њујорк. Истрагата утврдила оти радарот погрешно ја идентификувал Месечината како советски ракети.

2. 24 ноември, 1961 г., дефектот што ги прекина комуникациските врски: стратегиската воздушна команда (САК) во Омаха изгубила контакт со радарската станица на Туле. Раководството на САК се обидело да контактира со НОРАД, но линијата не функционирала. Командантите во САК сметале дека се мали шансите за прекин на комуникациите со Туле и со НОРАД поради дефект, па затоа верувале дека се заканува напад. Степенот на тревога одново бил подигнат на највисоко ниво, но кризата била спречена откако американски бомбардер успеал да стапи во контакт со станицата во Туле и да потврди дека нема напад. Подоцна е откриено дека дефектен прекинувач успеал да ги прекине сите комуникациски врски меѓу САК, НОРАД и Туле.

3. 25 октомври 1962 г., мечката што ќе го уништеше светот: кубанската ракетна криза веројатно е периодот кога светот најдалеку стигна до работ на глобална нуклеарна војна. Четири примери во текот на 13-дневниот настан посебно се истакнуваат, а првиот се случил на 25 октомври 1962 година.
Тензиите веќе беа високи за време на кризата, кога на 25 октомври по полноќ стражар во Центарот за воздушна одбрана во Минесота забележал силуета на некој што се обидувал да ја прескокне оградата на објектот. Стражарот помислил дека станува збор за советски саботер, па стрелал во него и го активирал алармот. Тоа предизвикало тревога за воздушни напади во сите бази во регионот. Пилотите во соседен Висконсин испаничиле бидејќи знаеле дека нема вежби додека готовноста на армијата е на ДЕФКОН3, односно на само два степена до нуклеарна војна. На пилотите им било наредено да поитаат во нивните авиони „ф-106а“ со нуклеарно оружје тие веќе се движеле по пистата кога било утврдено дека станува збор за лажна тревога. Тие биле запрени од автомобил што велтал на пистата за да ги спречи да полетаат. Подоцна е утврдено дека натрапникот во базата бил мечка.

4. 27 октомври 1962 г., советска подморница за малку ќе лансираше нуклеарно торпедо: два други примери се случија во ист тен, на 27 октомври 1962 година, кој веројатно е и најопасниот ден во историјата. Утрото на 27 октомври, извиднички авион „у-2ф“ беше соборен од Советите над Куба, при што загина пилотот, што ги зовре тензиите. Подоцна беше откриена советска подморница „б-59“ како се обидува да ја пробие блокадата на американската морнарица околу Куба. Уништувачот „УСС Бил“ детонираше експлозиви за да ја принуди подморницата да исплива на подморницата. Капетанот на „б-59“, Валентин Савитски, сметаше дека подморницата е нападната и нареди да се подготви нуклеарно торпедо да биде лансирано кон носачот на авиони „УСС Рандолф“. Сите тројца високи офицери на „б-59“ мораа да се согласат со лансирањето. За среќа, командантот Василиј Аркипов, не се согласил и го убедил капетанот да исплови со подморницата и да чека наредби од Москва.

5. 27 октомври 1962 г., САД испратија ловци со нуклеарни ракети: истиот ден, американски пилоти за малку ќе предизвикаа трета светска војна над Берингово Море, меѓу Алјаска и Русија. Извиднички авион „у-2“ на американските сили, кој летал кон Северниот Пол, случајно влетал во советскиот воздушен простор и во него останал 90 минути пред да се упати кон исток. Најмалку шест ловци „миг“ биле испратени да го соборат американскиот „у-2“. Стратегиската воздухопловна команда на САД, која била загрижена дека ќе загуби уште еден „у-2“, испратила авиони „ф-102 делта дагер“ вооружени со нуклеарни проектили „фалкон“. Кога дознал за ситуацијата, секретарот за одбрана на САД, Роберт Мекнамара, наводно извикал дека тоа значи војна со Советскиот Сојуз, а претседателот на САД Џон Ф. Кенеди, наводно рекол дека секогаш ќе се најде некој кучкин син што не разбрал. За среќа, „ф-102“ не се сретнал со „миговите“ и го придружувал „у-2“ назад кон Алјаска.

6. 28 октомври 1962 г., непознат сателит ги збуни радарските оператори: само еден ден по овие настани, радарските оператори во Њу Џерси го известиле НОРАД пред 9 часот наутро дека се истрелани советски нуклеарни проектили и дека тие се очекуваат да паднат во Флорида, точно во 9.02 ч. Веднаш бил подготвен одговор, но во меѓувреме поминало времето кога се очекувала детонацијата, па НОРАД ги одложил сите активности. Подоцна било откриено дека радарските оператори во Њу Џерси се збуниле бидејќи во станицата се извршувал тест во кој било симулирано лансирање од Куба, кога еден сателит неочекувано се појавил над хоризонтот. Дополнителните радари не функционирале во тоа време, а операторите не биле информирани за сателитот, бидејќи отсекот што се занимавал со такви операции во тој момент работел на друга задача поврзана со кризата на Куба.

7. 9 ноември 1979 г., вежбата што за малку ќе завршеше со реална војна: во три часот по полноќ на 9 ноември 1979 година, компјутерите во НОРАД предупредија дека илјадници нуклеарни проектили се лансирани од советските подморници и дека итаат кон САД. Армијата веднаш била ставена на максимална готовност и нуклеарните бомбардери се подготвувале да полетаат. Во целата паника дури полетал и авионот што требало да го транспортира претседателот при евентуален нуклеарен напад за да може да командува со соодветен нуклеарен одговор, иако без претседателот Џими Картер. Советникот за национална безбедност, Збигњев Бжежински, знаел дека времето за одлука на претседателот било од три до седум минути, па решил да не му кажува на Картер додека апсолутно не се осигури дека постои вистинска закана.
Шесте критични минути поминале, а сателитите потврдиле дека немало напад. Подоцна е откриено дека еден техничар случајно активирал тест што симулирал такво сценарио на еден од компјутерите. Маршал Шулман, тогаш висок советник на Стејт департментот, во едно декласифицирано писмо нагласил дека го загрижувал фактот што таквите лажни тревоги не биле ретка појава, како и лефтерниот начин на кој раководството се справувало со нив.

8. 26 септември 1983 г., најголемата коцкарска одлука: некаде по полноќ на 26 септември 1983 година, советските сателитски оператори во бункер близу Москва добиле предупредување дека е лансиран нуклеарен проектил од САД. Подоцна биле детектирани уште четири ракети. Тензиите меѓу САД и СССР веќе беа зголемени тој месец, откако Советите соборија корејски авион близу Сахалин, при што загинаа сите 269 патници, меѓу кои и конгресмен на САД.
Командантот на бункерот, Станислав Петров, требаше да ги информира своите претпоставени за лансирањето за да може соодветно да се реагира. Советската политика тогаш предвидуваше сеопфатен одмазднички напад. Знаејќи го тоа, Петров одлучил да не ги информира претпоставените. Тој претпоставувал дека ако САД го нападнат Советскиот Сојуз со нуклеарно оружје, сигурно ќе лансираат стотици ракети, а не само пет. Но Петров не можел да знае дали е во право додека не поминело доволно време, односно откако нуклеарните бомби ќе ги погоделе своите цели, па затоа го направил најверојатно најголемиот коцкарски потег во историјата. По 23 минути била потврдена неговата претпоставка дека станува збор за лажна тревога. Подоцна е откриено дека советски сателит погрешно ја идентификувал сончевата светлина, која се одбивала од врвот на облаците како американски ракети.

9. 25 јануари 1995 г., опасности и по завршувањето на Студената војна: четири години по распадот на СССР, првиот претседател на Руската Федерација, Борис Елцин, за малку ќе почнеше нуклеарна војна. Руски радар за рано предупредување откри лансирање ракета близу брегот на Норвешка, со слични карактеристики како нуклеарен проектил лансиран од подморница.

Детектираната ракета всушност била норвешки научен проектил што бил во мисија да ја проучува Поларната светлина. Норвешките власти го информирале Кремљ за лансирањето, а тоа не го знаеле операторите на радарите. На Елцин му биле предадени кодовите за лансирање на рускиот ракетен арсенал, а во состојба на готовност биле ставени и руските подморници. За среќа, претпоставките на Елцин дека тревогата е лажна се покажале како точни, а руските сателити потврдиле дека не се лансирани американски нуклеарни ракети.