Најмалку девет лица загинаа, а стотици се пренесени во болница по протекување на гас во фабрика за хемикалии во југоисточна Индија, соопшти полицијата.

Сварупа Рани, полициски комесар во градот Висахапатнам, за „Ројтерс“ изјави дека најмалку девет лица починале, а помеѓу 300 и 400 се хоспитализирани. Околу 1.500 луѓе биле евакуирани од околните села.

Комесарот на општинскиот совет во градот Висахапатнам изјави дека плинот истекол од фабриката во раните утрински часови кога семејствата од околните села спиеле.

„Стотици луѓе го вдишале и се онесвестиле или добиле потешкотии при дишењето“, рече комесарот Шријан Гумал.

Советот на општината на „Твитер“ соопшти дека за опасна област се сметаат местата во радиус од три километри од фабриката.

Фотографии објавени на „Твитер“ покажуваат дека на местото на несреќата се присутни голем број амбулантни возила.

Јужнокорејскиот „ЛГ Чем“, во чија сопственост е фабриката, објави дека ситуацијата е под контрола и дека е отворена истрага за инцидентот и за обемот на штетата.