Шпанскиот парламент денеска ја почнува расправата за поддршката на предлогот на привремениот премиер Педро Санчез за формирање коалициска влада.

Социјалистичката партија на Санчез сака да формира коалиција со крајно левичарската партија „Обединети можеме“, но потребни се гласови на неколку други помали партии за неопходната поддршка во парламентот.

Во првиот круг на гласање закажан за утре, предлогот на Санчез не се очекува да добие апсолутно мнозинство од 176 гласови, бидејќи три шпански десничарски партии веќе објавија дека нивните пратеници нема да гласаат за, јави „АП“.

Сепак, социјалистите тврдат дека ги имаат потребните гласови за просто мнозинство на второто гласање во вторник за да се формира владата.