Карлос Гон

Таткото и синот обвинети дека заедно го организирале бегството од Јапонија на поранешниот претседател на „Нисан“ Карлос Гон, наводно биле екстрадирани од американската влада за да се соочат со обвиненијата во азиската држава, пишува „Фајненшл тајмс“.

Поранешниот припадник на американската специјална единица „зелени беретки“ Мајкл Тејлор (60) и неговиот син Питер се бореа против екстрадицијата во Јапонија по нивното апсење во близина на Бостон минатиот мај. Тејлор во неодамнешно интервју за „Асошиејтед прес“ предупреди дека стравува оти тој и неговиот син нема да добијат фер третман од страна на јапонските власти.

Но, американскиот врховен суд минатиот месец ја одби итната петиција поднесена од нивните адвокати, што ја отвори можноста за соочување на Тејлор и неговиот син со обвиненијата во Јапонија. Тие вчера им биле испорачани на јапонските власти, како што изјави нивниот адвокат.

Јапонските власти ги обвинуваат Тејлорови за предводење на акцијата за криумчарење на Гон надвор од државата во декември 2019 година, во сандак за музичка опрема кој имал специјални отвори за воздух. Во тоа време шефот на „Нисан“ беше во куќен притвор во Јапонија, во пресрет на судењето за обвиненијата за финансиски малверзации.

Според планот за бегство, Гон бил пренесен со воз на аеродром со полесно обезбедување во Осака, откаде што бил сместен во приватен авион на лет до Турција, а потоа и до Либан, држава која нема договор за екстрадиција со Јапонија. Гон кој моментно е во Бејрут, ги негира финансиските обвиненија, тврдејќи дека избегал бидејќи не би добил фер судење во Јапонија.

Цената на бегството на Карлос Гон, вклучувала 14 милиони долари во фалсификувани пари за кауција, додека трошоците за целиот потфат при кој некогашниот директор на „Нисан“ избега од Јапонија во Либан изнесувале најмалку 15 милиони долари, тврди „Блумберг“.

Трошоците вклучуваат 350 илјади за приватен авион кој го пренел Гон од Осака до Истанбул и повеќе милиони долари за извлекувањето низ неколку држави, за чие спроведување бил потребен тим од најмалку 25 луѓе и барем шестмесечно планирање, според приватен безбедносен експерт кој сака да остане анонимен.

Тејлорови би можеле да добијат затворски казни до четири и пол години доколку бидат осудени за помагање на бегството на Гон. Јапонските власти не дадоа коментар за апсењето.

Мајкл Тејлор е специјализиран за спасување на заложници и киднапирани деца кои биле држени на Средниот Исток, каде што работел тајно за американската Управа за борба против наркотици (ДЕА). Тој поминал и 14 месеци во затвор во американската сојузна држава Јута поради мито и корупција поврзани со американски безбедносни договори во Авганистан, во вредност од 54 милиони долари. Во изјавите, Тејлор тврдеше дека му помогнал на Гон поради своите принципи, а не заради заработка.

Суд во Истанбул минатиот месец им изрече затворски казни на тројца вработени во турска авиокомпанија кои го пренеле Гон надвор од Јапонија. Поранешниот заменик на Гон, Грег Кели, исто така е на судење во Токио, каде се бори против обвиненијата дека му помогнал на поранешниот шеф да ја сокрие неговата вистинска плата.