Две деца во американската сојузна држава Флорида упаднале во куќа, а потоа пукале кон полицијата која интервенирала на самото место, објавија властите.

12-годишно момче и 14-годишно девојче кои побегнале од дом за напуштени деца, пронашле пиштол и пушка со поголема количина муниција во куќата каде упаднале во Флорида и пукале кон полициските службеници кои интервенирале по пријава на минувачите, пренесува „Ројтерс“.

Во тој конфликт рането е девојчето кое пукало кон полицајците, а дванаесетгодишното момче го предало оружјето набргу потоа и не било повредено, соопшти полицијата.

Девојчето било оперирано и е во стабилна состојба, а ниту еден од полициските службеници не бил повреден во пукотниците.

Претходно истиот ден, девојчето и момчето избегале од Домот за деца без родители на Методистичката црква во Ентерпрајз во Флорида.