Данска има намера мигрантите со полициско досие да ги испрати на ненаселен остров каде што ќе ја чекаат депортацијата, а другите ќе останат на неодредено време бидејќи заради ситуацијата во нивните земји не можат да бидат вратени.

Данскиот парламент денеска го усвои буџетот за 2019 година, во кој е вклучен и предлогот мигрантите со досие да се сместат на остров што претходно се користел за научни експерименти.

Планот го критикувал комесарот на ОН за човекови права, а и некои во Данска тоа го гледаат како јакнење на антиимиграциските позиции.

– Луѓето сметаат дека тоа не е решение на вистинските проблеми – рече Микаел Смед, градоначалник на Вордингборг, општина каде што се наоѓа островот.

Владата има намера на островот да испрати стотина луѓе од кои дел многу брзо ќе бидат депортирани, а ќе останат оние што не може да бидат протерани бидејќи во нивните земји им се заканува измачување или убиство.

Островот Линдхолм се користел како лабораторија за истражување на свински грип, беснило и други заразни болести и како место каде што се палеле заразени животни. Траектот што вози кон островот се вика „Вирус“.

Во Данска на власт се наоѓа коалицијата на десниот центар, со поддршка на десно популистичката антиимиграциона Данска народна партија. Од миграцискиот бран во 2015 година, што доведе до воспоставување на контроли на копнените граници, Данска усвои стотина амандмани кои ги стеснуваат правата на мигрантите.

– Данците се луѓе што нѐ прифаќаат, но системот, тоа е друга работа: владата вели јасно и гласно дека не нѐ сака – рече Дејен(30), барател на азил од Етиопија.

За 2019 година, целта на мнозинството е јасна: да им се објасни на бегалците дека во земјата можат да останат само привремено.

Владата до парламентот упати и предлог за ограничување на соединувањето на семејствата и намалување на социјалната помош.

– Тие мора да се вратат во својата земја и да ја обноват што поскоро – рече Мартин Хенриксен, портпарол за миграциски прашања во Данската народна партија.

За истражувачот Деметри Пападеметриу, основач на Европскиот институт за миграции, данската политика е „единствен пример за крутост и нетолеранција“ во Европа и пошироко, во времиња кои и онака не се поволни за мигрантите.

Тој додава дека за таквата политика е заслужна Данската народна партија.