Лидерот на данската партија „Тврда линија“, Расмус Палудан ги критикуваше напорите на шведските власти за забрана на горење на Куранот како напади врз слободата на изразување, како и пасивноста на шведската полиција што дозволува насилството да ескалира и вети дополнителни демонстрации, пренесува „Спутник“.

По немирите што го зафатија шведскиот град Малме откако група Данци поврзани со антиисламската партија „Тврда линија“ запалија копија од Куранот, нејзиниот лидер Расмус Палудан вети дека палењето на Куранот ќе продолжи сѐ додека бунтовниците не научат како да се однесуваат во цивилизирано општество.

Незасегнат од нападите и пожарите во кои беа вклучени стотици муслимани во Малме, навредени од провокативниот потег на „Тврда линија“, партијата вети дека ќе запали друг Куран во истата област во Шведска, Розенгард, етничка енклава каде што мнозинството од населението има мигрантско потекло.

– До сите демонстранти и силувачи во Розенгард: наскоро ќе запалиме уште еден Куран – напиша партијата на својата Фејсбук страница.

Палудан, кој првично имал намера самиот да го запали примерокот од Куранот, но влезот му е забранет во Шведска две години како сериозен ризик за националната безбедност, ја прекори шведската полиција за необјективност, дека е премногу мека и дека дозволува насилство.

– Данската полиција никогаш не би го прифатила тоа. Шведската полиција е кукавичка. Тоа е причината зошто тие во Розенгард прават работи што никогаш не би се осмелиле во Мароко, Сирија, Ирак итн., затоа што или би биле застрелани или тепани толку многу што ќе мора да лежат во кревет неколку недели. Тие никогаш не би се осмелиле да го сторат тоа во своите матични земји – изјави Палудан за шведски „Самналаснит“.

Палудан отиде дотаму што ги обвини шведските полицајци дека им се потрчковци на исламистите и дека функционираат како шеријатска полиција. Понатаму, тој ги критикуваше обидите на шведските власти да го запрат палењето на Куранот, нарекувајќи ги попречување на слободата на изразување и собирање.

– Тие го прават тоа затоа што немаат воопшто никаква контрола. Физичката моќ во Шведска веќе му е предадена на исламот. Тие 20.000 слаби, феминизирани и кукавици од шведски полицајци, навистина не можат да сторат ништо. Моќта во Шведска, физичката моќ, лежи во исламот – рече Палудан, наведувајќи го конформизмот на шведскиот народ како една од причините.

Палудан ѝ предвиде мрачна иднина на Скандинавија со оглед на постојаниот судир меѓу, како што смета, слободата на изразување и исламизмот.

– Ќе оди по ѓаволите и јасно е дека прво ќе оди по ѓаволите во Шведска. Веќе се случува тоа – рече тој.

Палудан вети дека ќе продолжи со палење на Куранот во Шведска.

– Бидејќи многу жители на Розенгард не научија како да се однесуваат во цивилизирано западно општество, ние мора да ги палиме Кураните во Розенгард сè додека тие не го разберат тоа – заклучи тој.

Во петокот Малме пламна поради насилствата, при што неколку стотици луѓе се собраа во знак на протест против антиисламските активности на „Тврда линија“, фрлајќи предмети кон полицијата и палејќи гуми од автомобили. За време на викендот, немирите продолжија во градот Ронаби во округот Блекинге.

Палудан е дански адвокат и политичар кој ја основаше етно-националистичката партија „Тврда линија“ во 2017 година и е познат по снимањето антимуслимански видеа на „Јутјуб на кои тој го пали Куранот, понекогаш завиткан во сланина, што тој ја слави како изразување почит на слободата на говорот.

Пропагираната политика на Палудан за забрана на незападната миграција и депортирање на муслиманите од Данска за малку ќе ѝ донесеше пратенички места на неговата партија на изборите во 2019 година, тој се најде во смртна опасност поради напади и обиди за атентат.