Четиринаесет луѓе ќе бидат судени за нивната наводна вклученост во масакрот во редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ во Париз во јануари 2015 година и за масакрот во еврејскиот супермаркет следниот ден, во судскиот процес што почнува денеска.

Изнесувањето на докази и на искази кое е предвидено да трае во наредните 10 недели ќе биде снимано, што е прв ваков случај во француското судство.

За тројца од обвинетите се смета дека биле директно вклучени во 17-те убиства. На нив ќе им биде судено во отсуство откако избегаа во сега веќе урнатиот Калифат на Исламска држава во Сирија и во Ирак. А не е познато ниту дали уште се живи.

Другите единаесетмина обвинети се товарат за помагање на браќата Чериф и Саид Куачи во пресрет на нивниот напад врз редакцијата на „Шарли Ебдо“, како и за помагање на Амеди Кулибали пред заложничката криза во еврејскиот супермаркет во Франција. Браќата Куачи и Кулибали загинаа во нападите.

Судењето е долгоочекувано и значајно. Судот ќе се обиде да ја објасни мотивацијата на терористите, а ќе ги испита и грешките во францускиот безбедносен апарат кој не успеа да ги спречи нападите.

За новинарката Зинеб ел Разуи која го напушти „Шарли Ебдо“ по нападот (не беше присутна во редакцијата за време на масакрот), судењето има симболично значење.

– Се надевам дека ова ќе биде судење на идеологијата која ги уби нашите пријатели. Ваквите гледишта сега се добро етаблирани и се кријат зад слободата на изразување за да ги шират угнетувачките идеи. Се надеваме дека правдата ќе ни помогне да го прежалиме злосторството – истакна Ел Разуи.

Судскиот процес претставува и можност за увид во изминатите пет години и осум месеци по нападот, односно за поставување на прашањето дали тој ја смени Франција.

Терористичките напади во „Шарли Ебдо“ и маркетот, како и нападот врз концертната сала „Батаклан“ во Париз кој се случи 10 месеци подоцна, се сметаат за францускиот „11 септември“.

Повеќе од 3,7 милиони луѓе излегоа на улиците на Париз и на другите француски градови четири дена по нападите, барајќи обединување за поддршка на толеранцијата и солидарноста.

Тогаш се роди слоганот „Јас сум Шарли“ (Je Suis Charlie). За дел од француската јавност, слоганот означуваше и поддршка за слободата на изразување за „Шарли Ебдо“ и правото на магазинот да објавува сатирични стрипови на кои е претставен пророкот Мухамед. Многумина Французи сметаа дека нападот врз магазинот кој беа убиени 12 лица претставува и атак врз францускиот и западниот начин на живот.

Пет години подоцна магазинот уште еднаш ги објави илустрациите на Мухамед кои беа повод за нападот. Неговиот уредник Лоран Сурисо кажа дека не го сторил тоа за да го критикува радикалниот ислам, туку за да изрази жалење за назадувањето во поглед на слободата на говор во Франција.

Од друга страна, француските вредности и начин на живот не претрпеа радикални промени поради нападот. Немаше намалување на толеранцијата и пад на демократијата, ниту незадоволство насочено кон петте милиони муслимани во Фрнација.

Може да се заклучи дека пет години по нападот врз редакцијата на „Шарли Ебдо“, Франција остана доследна на своите принципи.