Сојузната држава што предизвикува восхит кај републиканците, а важи за ноќна мора за демократите повторно претставува фронт, и како во 2016 година, таа може да одлучи за победникот на претседателските избори

Неизвесност и загриженост кај двата табора во пресрет на изборниот ден

Можно ли е сојузната американска држава Флорида да биде местото каде што ќе се рушат либералните соништа и дали оваа држава ќе одлучи за победникот на престојните американски претседателски избори закажани за 3 ноември. Оваа дилема деновиве повторно се наметна во американската јавност, откако некои од медиумите потсетија на претходните претседателски избори, кога и покрај тоа што го загуби гласот на народот во 2016 година, Доналд Трамп доби мнозинство во доволно држави, меѓу кои и Флорида, за да ја обезбеди победата на изборите. Четири години подоцна, сојузната држава повторно се наоѓа на фронтот и може да одлучи за победникот. Анкетите покажуваат дека ќе има тесна борба, а ако целокупната трка е неизвесна, тогаш Флорида со своите 29 изборни гласа повторно ќе одлучи за победникот во изборниот колеџ, пренесува „Би-би-си“.

Гласачкото тело на Трамп на Флорида

Во меѓувреме, откако стана претседател, Трамп постојано ја става Флорида во центарот на неговото внимание, нагласувајќи колку е потребна за неговата изборна стратегија. Како што пренесува „Би-би-си“, тој постојано оди во посета на Мар-а-Лаго и на Дорал, а токму тука, според медиумот, Трамп ја преселил својата резиденција од Њујорк. Американскиот претседател Трамп ја смета Флорида за „домашен терен“, како што порача на митингот во Пенсакола неодамна, а потоа замина за Палм Бич, од каде што гласаше лично. Во Пенсакола го одржа четвртиот митинг откако беше хоспитализиран поради ковид-19, кое се смета за републиканско упориште поради високиот број конзервативен сегашен и пензиониран воен кадар и политиката што е блиска до Алабама и до Мисисипи. „Би-би-си“ наведува дека порано се зборувало дека има многумина што тајно го поддржуваат Трамп и кои не се регистрирани во анкетите во кои Бајден води, но барем во Флорида гласно ја искажуваат поддршката за него. Поддршката јасно се гледа на митинзите. Пред појавата на пандемијата, неговата кампања организираше редовни настани, а во Вест Палм Бич се смета дека се наоѓа најголемиот клуб на обожаватели на Трамп.

Демократски надежи и стравови

Од друга страна, минатата сабота, на 90 километри јужно од Палм Бич и на 850 километри од митингот на Трамп во Пенсакола, Барак Обама одржа митинг на отворено на кампусот на еден локален универзитет, како дел од демократската кампања во чест на неговиот поранешен потпретседател, и притоа изрази своја поддршка. Една кубанска поддржувачка на Бајден, која присуствуваше на митингот, сè уште свежо се сеќава како Хилари Клинтон загуби на претходните избори и смета дека трката во Флорида е неизвесна и покрај тоа што во анкетите Бајден има мала предност. Една од нејзините грижи е дека републиканците, меѓу кои и Трамп, сакаат да го прикажат Бајден како социјалист, што има негативна конотација во регионите каде што живеат многу Кубанци и Јужноамериканци, кои го идентификуваат терминот со диктатурите на Фидел Кастро и на Николас Мадуро. Ако Трамп и републиканците успеат да ја зголемат традиционалната кубанска поддршка од југот на Флорида, покрај лојалните гласачи од северот на сојузната држава, тогаш постојат големи шанси да ја потврдат победата. Самиот Обама беше загрижен токму за ова во своето обраќање и упати дека е бесмислено тоа што републиканците сакаат да го прикажат Бајден како латиноамерикански комунист.

Флорида рано ќе даде резултати

Паралелно на ова, граѓаните на Флорида веќе неколку недели го даваат својот глас преку пошта или лично на изборните места. Бидејќи сојузната држава ги обработува гласачките ливчиња како што ги добива и ги известува партиските штабови за преброените гласови, кампањите и политичките аналитичари имаат ран увид во тоа како може да се одвива трката. Досега има охрабрувачки знаци за демократите, а до понеделникот во Флорида преку пошта гласале 596.000 повеќе демократи од републиканци, додека 230.000 републиканци гласале повеќе лично, со тоа што Бајден би можел да има рана предност од 366.000 гласа. Кампањата на Трамп промовира анкета во која републиканците може да добијат огромна предност за време на личното гласање на денот на изборите, што може да биде доволно да ја анулира предноста на демократите делумно поради постојаните сомнежи на претседателот за безбедноста и доверливоста на гласањето преку пошта. Но постои загриженост кај двата табори во пресрет на изборниот ден. Демократскиот одзив во Мајами, особено кај Латиноамериканците, е понизок од очекуваното. За републиканците критични се пензионерите, затоа што ако им се верува на гласините дека гласале за Бајден поради пандемијата на коронавирусот, тогаш Трамп може да биде во неволја.