Претстојните зимски празници и семејни собири нов ризик за ширењето на грипот

Според истражување во САД во врска со трансмисија на опасниот ковид-19, утврдено е дека во претстојната зима е најбезбедно луѓето и понатаму да се социјализираат на отворено, бидејќи ризикот од задржување на капките што се шират при зборување, кивање или кашлање е многу помал отколку во затворени простории

Социјализација за време на пандемија

Со заладувањето на времето и наближувањето на зимата, многу луѓе не знаат дали е ризично да се дружат со други лица во затворен простор и дали таквата социјализација би можела да претставува голем проблем во однос на ширењето на инфекцијата од ковид-19. Имено во едно истражување во САД, на кое се повикува американскиот угледен магазин „Атлантик“, се наведува дека најбезбедно е Американците во месеците што ќе следуваат да се социјализираат на отворено, бидејќи ризикот од задржување на капките што се шират при зборување, кивање или кашлање е многу помал да направи инфекција отколку во затворени простории. Според тоа, „Атлантик“ наведува дека во многу делови од државата ова ќе биде последен месец кога ќе можат подолго да престојуваат надвор на потопло време. Федералните и локалните власти во земјата засега не дадоа пошироки препораки дали и како луѓето треба да се социјализираат во текот на претстојната зима. Дури и медицинските експерти се збунети за тоа што е безбедно, пренесува магазинот.
– Ниедно групирање во затворен простор нема да биде совршено безбедно. Иако многу сојузни држави дозволија работа во затворени објекти, како вежбалници и ресторани со ограничен капацитет, сепак експертите не препорачуваат да се престојува подолго време внатре, особено кога не постои можност за носење маска. Шансите за зараза со коронавирус се околу 20 отсто повисоки во затворен простор, а приватните собирања токму таму се поврзуваа со неколку ширења на вирусот. Во некои места, дури домашните социјализирања беа причина за пораст во бројот на новозаразени – пишува магазинот.

Според „Атлантик“, нереално е да се очекува од Американците да останат цела зима затворени, без никаков контакт со други лица. Дури и да решат да го сторат тоа без да им се наруши менталното здравје, постојат големи шанси дека луѓето ќе се социјализираат, особено затоа што јануари е долг месец и нема стриктна препорака за останување дома. Џулија Маркус, епидемиолог за заразни болести на медицинскиот факултет на „Харвард“, вели дека „воопшто не е практично да се донесе забрана за собирања во затворен простор додека не се дојде до вакцина“.
– Покрај политиките за останување дома и укинување на рестрикциите за движење, владините претставници не ги објаснуваат јасно и прецизно релативните ризици за да може да ги разбере секој. Откако сојузните држави ги најавија нивните „нови отворања“, некои луѓе сè уште ги почитуваат правилата за физичка дистанца од два метра при социјализацијата на отворен простор. Сепак, други лица организираат венчавки во затворен простор, а честопати токму тие лица живеат во ист град и многу брзо се шири грипот – вели Маркус. Том Цаи, професор по здравствена политика на „Харвард“, смета дека бројката на заразени во земјата може да биде малку повисока, односно да биде безбедно за движење и со 25 регистрирани случаи на 100.000 жители. Тој додава дека следењето на бројот на трансмисии во заедницата не е едноставно за повеќемина.

Според него, тоа делумно се должи на тоа што Американците повеќе немаат централизирано известување за новите состојби со ковид-19. Алберт Ко, професор на Факултетот за јавно здравје на „Јејл“, вели дека многу локални здравствени власти во САД не располагаат со епидемиолог, а навистина е проблем тоа што тие немаат капацитети да ја користат новата технологија за споделување важна информација од интерес на јавното здравје. Токму затоа САД заостануваат зад многу други држави што имаа успешен одговор на вирусот.
Во меѓувреме, некои од здравствените власти ги зајакнаа комуникациите, така што информираат во живо на Фејсбук и одржуваат прес-конференции со апели за почитување на препораките. Во Чикаго, Одделот за јавно здравје разви алатка што им овозможува на луѓето да одлучат дали собирите во затворен простор се доволно безбедни преку пополнување прашалник.

Докторката Меган Рани, која предава на универзитетот „Браун“, заедно со нејзините колеги од тамошниот центар за дигитално здравје, разви бесплатна апликација наречена „Мој ризик од ковид“, која им овозможува на корисниците да го проценат ризикот за изложеност на вирусот во однос на просторот, бројот на лицата, заштитните мерки и други фактори. Апликацијата дополнително го генерира ризикот со помош на податоците од мапата за следење на коронавирусот. Ваквите напори се за поздрав, но експертите се согласни дека треба да бидат официјализирани од властите на федерално ниво за да бидат достапни за сите Американци.