Креирањето на дигиталните правила е клучна алатка во геополитичкиот натпревар

Според пишувањата објавени во светските магазини, неопходно е на глобално ниво да се направи нова легислатива за дигиталната доба во која функционираме, а ја наметна пандемијата на ковид-19, бидејќи немањето систем за управување со податоците им штети на трговијата, инвестициите и националната безбедност

Информациите сега се во центарот на светската трговија. Според протокот на податоци, прекуграничниот тек на информации се зголемил за околу 112 пати од 2008 до 2020 година. Светската економија стана движечка машина за податоци, а дигиталните технологии за пренос на податоци сега ја заменија традиционалната трговија на стоки и услуги. Ова меѓу другото во своја анализа го посочува магазинот „Форин аферс“, кој пишува дека пандемијата на ковид-19 ја забрза дигиталната трансформација на деловните субјекти на глобално ниво. Според магазинот, ваквиот процес е добар показател за човештвото, каде што сепак пребрзата дигитализација на глобално ниво во исто време покажа и свои слабости од примерот на сајбер-напади, крадење дигитални информации, но и злоупотреба на вештачката интелегенција за шпионирање. Имено, само во 2018 година, 330 милиони луѓе купувале на интернет од разни држави, со тоа што електронската трговија достигна 25,6 илјади милијарди продажби, иако само 60 отсто од светот е онлајн.
– Зголемениот прекуграничен проток на податоци стана критичен извор на моќ и генерално тешко се контролира. Постојниот меѓународен трговски и инвестициски систем беше креиран пред 75 години во поинакво време и во кој се постигна голем напредок и безбедност, многумина извлече од сиромаштија, а како дел од широкиот економски поредок ги поттикна демократијата, трговијата и индивидуалните права. Но овој систем повеќе не соодветствува на реалноста на светската трговија во која сега живееме. Ако сега не се креираат нови правила во дигиталната ера, тогаш други играчи ќе се наметнат на сцената – пишува „Форин аферс“.

Иновацијата го движи светот

Во меѓувреме, на истава тема „Политико“ оценува дека Кина во моментов има свој технолошки модел и е свесна дека креирањето на правилата е клучна алатка во геополитичкиот натпревар во светот. Затоа, според магазинот, САД треба да понудат алтернатива каде што заедно со своите партнери ќе треба да воспостават нова рамка што ќе го ослободи потенцијалот на податоците за поттикнување на иновацијата, генерирање економска моќ и заштита на националната безбедност. Само во изминатата деценија, податоците станаа многу поважни за иновациите, благодарение на големиот напредок во компјутерската моќ, складирањето податоци и машинското учење. Алгоритмите во срцето на вештачката интелигенција (ВИ) имаат особено корист од огромни количества висококвалитетни податоци, кои ги користат за да научат и да добијат ефикасност. Овие и други иновации водени од податоци сè повеќе ќе го обликуваат професионалниот и личниот живот на луѓето, подобрувајќи сè, од автономни возила до апликации за спортски перформанси до социјални мрежи.
Според магазинот, податоците може одново да се користат, така што колку повеќе слободно течат, толку е поголема веројатноста да доведат до нови идеи. Сепак, „Политико“ оценува дека пристапот до податоци направи револуција и во другите области на животните науки.

– Податоците сè повеќе носат комерцијален успех. Компаниите чии конкурентни предности се градат со собирање, анализирање и користење податоци ги зазедоа врвните позиции на пазарот низ целиот свет. Податоците се клучни и за националната безбедноста, затоа што се двигатели на продуктивноста, а со тоа и на економската моќ што ја поткрепува воената моќ. Така податоците добиени преку вештачката интелигенција ќе бидат „најмоќната алатка што ќе му користи на човештвото во иднина“, но исто така ќе се „користат во потрагата по моќ“. Идниот просперитет и геополитичката сила на големите сили, како САД, Русија и Кина, во голема мера ќе зависат од правилата што го регулираат пристапот до податоците – наведува магазинот.

Систем на правила

Инаку, сегашните меѓународни институции немаат капацитет да одговорат на широката употреба на податоци, бидејќи тие се противат на категоризацијата од неколку причини. Првата е што огромните количества податоци се резултат на производството и потрошувачката на стоки и услуги. Друга причина е што тешко е да се одреди каде се чуваат податоците, а и нема општ систем за нивно вреднување. Недостигот од меѓународно прифатена мрежа за управување со податоците остава неодговорени големи прашања за светската економија и национална безбедност, што од друга страна може да претставува опасност по приватноста. Денес, токму затоа што САД и Европската Унија (ЕУ) немаат одговор на прашањата, се јавуваат тензии што им штетат на трговијата, инвестициите и националната безбедност, па така земјите се принудени сами да импровизираат. За САД поголема причина за загриженост е различниот дигитален екосистем. Пред една генерација, Кина започна да го гради својот „голем огнен ѕид“ и оттогаш применува технолошко-национален модел со кој владата има пристап до податоците генерирани во рамките на државата. Пекинг сега сака да го прошири моделот и да ја користи својата посебна технолошка индустрија за да доминира во дигиталните платформи што управуваат со податоците, како што се 5Г-телекомуникациските мрежи. За таа цел, кинеската влада претстави храбар план за да ги постави светските стандарди во новите технологии како дел од дигиталниот пат на свилата во склоп на иницијативата „Појас и пат“, со тоа што во странство ќе гради инфраструктура за интернет и ќе ја зголеми дигиталната трговија. Засега, САД немаат одговор на ваквите кинески напори.