Оставката на претседателот Абделазиз Бутефлика уследи по шестнеделни протести

Алжирскиот претседател во заминување Абделазиз Бутефлика (82) побара прошка од неговата држава во отворено писмо, откако поднесе оставка по 20 години поминати на функцијата. Неговата одлука уследи по шестнеделните протести во Алжир, но уште е неизвесно дали оставката и барањето за прошка ќе бидат доволни за да ги сопрат демонстрациите, пишуваат светските медиуми. 

– Барам прошка за секоја грешка – напиша Бутефлика во писмото, во кое изрази и „благодарност за знаците на наклонетост и почит од неговите браќа и сестри“.

Тој упати и апел до Алжирците да останат обединети и да не потпаднат на поделби, по неговата оставка.

Алжирскиот лидер ретко се појавуваше во јавноста во изминатите шест години откако претрпе мозочен удар. Најавата на Бутефлика дека ќе бара петти мандат беше повод за демонстрации во Алжир кои почнаа во февруари. Претседателот потоа ги смени плановите и изврши промени во владиниот кабинет, со цел да ги стиши обвинувањата за корупција, но поднесе оставка откако протестите продолжија.

Бутефлика побара прошка од Алжирците во отворено писмо

Се очекува претседателот на парламентот Абделкадер Бенсалах да ја преземе претседателската должност во следните три месеци додека не бидат распишани наредните претседателски избори. Но, постои извесна недоверба и кон Бенсалах кој е долгогодишен сојузник на Бутефлика.

– Луѓето разбираат дека заминувањето на Бутефлика е само еден важен чекор. Но, ова е почеток и допрва следат уште работи. Народот бара заминување на целиот режим и ќе продолжи да излегува на улиците. Тоа ќе продолжи додека режимот не замине – кажа Тин Инан ел Кади, претставникот на „Активистичката младина“ која учествува во протестите.

Ел Кади изрази загриженост за можната улога на армијата во сегашната ситуација, како и за организацијата на наредните избори.