Во изминатите десет години се случија навистина драматични промени. Драстично опадна цената на производство на струја со користење сончева енергија и ветерна, а се намали и цената за производство на електрични автомобили

Кога најголем дел од светот буквално запре на почетокот од оваа година, светските емисии на јаглерод диоксид драстично се намалија, како што пренесува „Еуроњуз“. Всушност, во периодот меѓу јануари и април годинава тие се намалија за досега невидена стапка од 8,6 отсто во споредба со истиот период во 2019 година. До крајот на оваа година се очекува вкупните емисии да бидат меѓу четири и осум отсто под очекувањата.
Ова е особено значајно затоа што осум отсто е околу половина од емисиите на Америка во една година и ова ќе биде најголемо нивно опаѓање по Втората светска војна. Ние веќе претходно имавме слични вакви бројки, иако во помал степен. За време на последната финансиска криза пред една деценија, штетните емисии исто така значително опаднаа кога економиите влегоа во рецесија. Во текот на 2008 и 2009 година, тие се намалија за околу 1,3 отсто.
Сепак постои загриженост дека кога економиите повторно ќе почнат нормално да функционираат и кога ќе се врати растот, секое забележано намалување веднаш ќе исчезне. Ако сакаме да ја оствариме најамбициозно поставената цел во Парискиот климатски договор за ограничување на глобалното затоплување, односно порастот на светските температури за 1,5 степен, ние треба да ги намалиме штетните емисии за осум отсто секоја година во текот на следните десет години.

Обезбедување зелена обнова

Некои активисти и политичари сакаат владите да ја искористат шансата и да се погрижат иницијативите за зелена обнова навистина да бидат во таа насока. Тие тврдат дека сега има достапна технологијата што може да го оствари тоа. Во изминатите десет години се случија навистина драматични промени. Драстично опадна цената на производство на струја со користење сончева енергија и ветерна, а се намали и цената за производство на електрични автомобили. Политички гледано, ние исто така се соочивме со промени, со многу влади и самата Европска Унија (ЕУ), која им се посвети на зелените планови. Јавното мислење, барем во Европа, се чини дека ја поддржува борбата против климатските промени. Анкетите покажуваат дека мнозинството смета дека „климатската криза“ е еднакво итна како и пандемијата.
Задачата со која се соочуваат владите и Европската комисија во Брисел, сепак, е тешка. Како да се укинат субвенциите за користење гориво на база на јаглерод без да ѝ се наштети на обновата? Како повеќе да се поттикнат луѓето да размислуваат за купување електрични автомобили кога тие сè уште се скапи? Колку од инвестициите се достапни кога буџетите се ограничени за трошење на еколошки истражувања и развој?

Фокус на крајниот резултат

Во моментот фокусот јасно е ставен на јавното здравје и на економските кризи, со тоа што повторно се отвораат бизнисите и луѓето се враќаат на работа. Но не е сè добра вест за зелените активисти. Можеме да забележиме како се отвораат термоцентрали на јаглен во Кина додека претседателот Трамп ги олеснува регулативите за јаглената и нафтената индустрија. Но насекаде се забележуваат позитивни знаци. Франција, која ја субвенционира авиокомпанијата „Ер франс“, инсистираше домашните летови да се ограничат ако железничкиот сообраќај постои како друга опција, а Велика Британија најави дека ќе отвори многу станици за полнење електрични автомобили низ земјата.
Пандемијата сè уште не е завршена и веќе одзеде стотици илјади животи. Но човештвото и претходно надминувало други пандемии. За неколку години, во секој случај, ќе се најде лек или барем ќе можеме лесно да ја пребродиме болеста. Од друга страна, борбата со климатските промени е поголем предизвик, кој веќе трае со децении. Некои се надеваат дека сега постои можност да се промени курсот со зелената обнова. Со здружени сили на технологијата, јавната и политичката волја, ова може да се оствари.