Ана Фајфилд го опишува диктаторот како насмеан седи во неговата куќа на плажа, додека со неговото оружје гранатира еден крајбрежен остров

Спектатор

Набљудувачите на Северна Кореја се вљубеници во добрите книги и не можат, а да не го задоволат својот интерес што го побудува најлошиот режим во светот. Сведоштвата на избеганите ги полнат нашите полици заедно со мемоарите на сите кои (како готвачот на суши на Ким Јонг-ил) биле во контакт со државата или со нејзиното лидерство. Некои книги, како „Нема на што да се завидува“ на Барбара Демик од 2009 година, успеаја да допрат до поголема читателска публика. Но на прашањата сè уште треба да се даде одговор. Како изгледа најзатвореното општество во светот? Во што верува неговиот заробен народ? Кои се лидерите на оваа комунистичка монархија?

Преку материјали од отворени извори, постојаните посети на државата и интервјуа од прва рака со прогонетите, Ана Фајфилд раскажува за третата генерација на владејачкото семејство Ким. Оние што се љубители на негативците од филмовите за Џејмс Бонд воопшто нема да бидат разочарани. За младиот диктатор дознаваме дека се одмора во викендичката на плажа во Вонсан, додека неговите началници со топови гранатираат еден остров и го претвораат во прав. Исто така, додека тој удобно седи на бирото во неговата куќа на плажа, неговите научници лансираат ракети во насока на Јапонија за да ја покажат неговата големина. Во ретките странски посети, како што беше ланскиот самит во Сингапур, тој секогаш патува со специјален преносен тоалет за зад себе да не остави ништо. По скорашната вечера со јужнокорејското лидерство, неговиот тим темелно ја исчисти собата за да ги собере и форензички исчисти сите чаши и прибор кои ги користеа Ким и неговата сестра.

Еден од предизвиците во известувањето и читањето за Северна Кореја е да се најде точната рамнотежа меѓу циркузот и хоророт, затоа што таму постои надреална ексцентричност како на ниедно друго место во светот. Истовремено тоа е единствената држава денес која што не може да се спореди со тоталитаризмот од минатиот век.

Нејзината несензационална приказна, Фајфилд (која е шефица на бирото во Пекинг за „Вашингтон пост“) ја пренесува онака како што секој друг би ја пренел. Ким Јонг-ун не е пријатен лик, но од неговото школување во Швајцарија и од неговото воспитување може да се забележи дека е најпривилегираниот заробеник на системот кој го создаде неговиот дедо, кој во оваа фаза само е потребно да се одржува. Него го облекувале во војничка униформа и требало така да се однесува уште пред да наполни 10 години. Но кога успеал да седне на тронот на 27-годишна возраст, тој постапи како што ќе постапеше секој нов тиранин кој сака да се покаже, па така го егзекутираше својот вујко, нареди убиство со хемиско оружје на неговиот полубрат на аеродромот во Куала Лумпур и ја забрза нуклеарната програма на неговата држава. Неговиот предизвик е да ја спаси државата од тешка сиромаштија, но истовремено да остане изолирана за да не падне неговиот режим. Не може да се процени штетата која ја нанесува на неговиот народ.

Во Северна Кореја, секоја населба од 30 до 40 куќи има своја „заедница“ со свој „лидер“. Никој не смее да биде гостин во ниедна куќа без да добие одобрение од властите. Лидерот може да ги испита сите домови во кое било време за да провери дали државното радио што е вградено во секоја куќа е исклучено, или е сменета фреквенцијата. Мобилните телефони (на ограничена локална мрежа) се проверуваат за неовластена музика, фотографии или докази за вонбрачни односи. Луѓето се охрабруваат да пријавуваат дали нивните соседи премногу често јадат бел ориз или месо. Исто така, функционира и системот на концентрациони логори за осомничените за идеолошки злосторства.

Консумирањето на разни видови на жесток алкохол е честа појава кај луѓето. Како што забележав една ноќ во Пјонгјанг, локалниот пијалок „соџу“ има неверојатно висок процент на алкохол, додека од разните видови на пиво може многу брзо да ви се сврти во главата, а притоа при пиењето ќе почувствувате песоклив талог. Останатите наоѓаат утеха во дрогата. Фајфилд разговараше со севернокорејски дилер во близина на кинеската граница, кој наведе дека „секојдневно се конзумира (кристален) метамфетамин. Неговите клиенти биле обични луѓе, односно полицајци, безбедносни агенти, партиски членови, наставници и доктори. „Спидот“ е одличен подарок за роденденски забави или матури“.

Секако, елитата ужива во веселбите на еден неверојатно бизарен начин. Разузнавачките агенции понекогаш се обидуваат да изнајдат информации за семејството Ким токму преку забавите. Во една прилика ЦИА се обиде да добие детали преку Ерик Клептон (кого го обожуваат двата сина на Ким Јонг-ил). Таквите напори беа неуспешни, но најуспешната неофицијална дипломатска рута до Ким Јонг-ун во изминативе неколку години е преку кошаркарот Денис Родман. На крајот од еден од нивните први состаноци во Пјонгјанг (пијана средба дури и за стандардите на севернокорејската елита), Родман одржал долг, неповрзан говор кој наводно завршил со зборовите: „Маршале, вашиот татко и дедо направија многу глупости. Но вие сакате да направите промена и јас многу ве сакам поради тоа“. Потоа следело караоке на кое Родман ја пеел песната „Мy Wаy“ додека Ким Јонг-ун ја пеел „Get on up“ од Џејмс Браун.

Дали Родман беше во право? Откако е на власт, Ким Јонг-ун направи храбри дипломатски потези со Вашингтон и Сеул. Но светот сè уште нема јасна претстава за него. Во 2017 година, целиот Интернет се смееше на последните фотографии кои протекоа од Северна Кореја, на кои Ким гледа во метална капсула. Сите му се семеја, но по еден ден, Севернокорејците детонираа бомба од 250 килотони (што е околу 17 пати поголема од бомбата што ја уништи Хирошима). Како што наведе еден западен нуклеарен научник, „луѓето се изненадени што една уназадена држава може да направи нешто вакво. Но во оваа сфера, тие воопшто не се уназадени“.

Нуклеарниот напредок на државата е најголемото постигнување на Ким Јонг-ун. Самото тоа гарантира дека тој ќе биде заштитен од странска воена интервенција. Можеби во иднина ќе се почести, а и севернокорејскиот народ, со уште многу вакви постигнувања. А можеби и само ќе ужива во животот на висока нога со соџу и кошарка, на чело на најневажната и најрасипничката пустелија.

Подготвила: Билјана Здравковска