Иранците сега ќе бидат принудени да најдат креативни начини да продаваат нафта, користејќи го повеќегодишното искуство од животот под претходните санкции. Истовремено, за да го пополни јазот од загубените европски инвестиции, Иран ќе се фокусира кон Истокот, за да оствари нови врски со Русија и со Кина, оценува Би-би-си.

Новите построги санкции против иранскиот нафтен сектор, воведени од САД, денеска стапуваат во сила. Иранскиот претседател Хасан Рухани порача дека САД нема да постигнат успех со новиот заговор против Иран. Сепак, Техеран многу зависи од извозот на нафтата, а обновените санкции значително ќе ја погодат иранската економија. Истовремено, Европската Унија предложи поддршка за компаниите што тргуваат со Иран и покрај новите санкции. Но дали овие компании ќе ризикуваат да се соочат со секундарни санкции, кои ќе ја ограничат нивната можност да тргуваат со САД. Затоа, со право се поставува прашањето, дали Техеран овој пат ќе успее да ги „преживее“ американските санкции, наведува Би-би-си.
Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот од годинава ги повлече САД од мултилатералниот договор со Иран од 2015 година, со кој беше воведена строга контрола на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на широк спектар санкции. Како резултат на потегот на Трамп, санкциите што беа укинати од САД и другите земји во 2016 година, сега унилатерално повторно се воведуваат од Вашингтон. Но другите земји, вклучувајќи ги и членките на ЕУ, сметаат дека Иран ги почитува обврските од нуклеарната спогодба и јасно порачаа дека нема да ги следат американските чекори.

Со најновите американски мерки, на сите компании што тргуваат со Иран им се забранува да работат и да тргуваат во САД. Покрај тоа, секоја американска компанија ќе се соочи со казни ако соработува со компанија што тргува со Иран. Според Би-би-си, САД јасно ставија до знаење дека крајната цел им е целосно запирање на иранската трговија со нафта, но сепак им дозволија на осум земји да го задржат увозот, како привремена отстапка за да имаат време да го намалат увозот на нафта. Меѓу овие земји се Италија, Индија, Јапонија и Јужна Кореја.

Истовремено, за да им овозможи на компаниите да тргуваат со Иран и да не се соочат со остри американски казни, ЕУ планира да воведе механизам за плаќање (СПВ), кои ќе им овозможат на овие компании да го избегнат американскиот финансиски систем. Исто како и банките, СПВ ќе ги реализира трансакциите помеѓу Иран и компаниите што тргуваат со него, избегнувајќи ги на тој начин директните исплати во и од Иран. Па така, кога Иран ќе извезува нафта во земја на ЕУ, компанијата од земјата-увозничка ќе уплати во СВП. Потоа, Техеран може да ја користи оваа уплата како кредит за купување производи од другите земји на Унијата преку СПВ.

Сепак, дури и со планот на ЕУ, трошоците за тргување со Иран и натаму може да бидат превисоки за многу компании. Па така, на пример, ако компанијата за испорака купи нафта преку механизмот на СВП, компанијата што го осигурува товарот може да се соочи со секундарни санкции и можно губење на целиот свој бизнис во САД.

Ричард Нефју, експерт за санкции при универзитетот „Колумбија“, истакнува дека иранската економија не е директно зависна од американскиот финансиски систем.

– Но, проблемот е тоа дека повеќето од најголемите трговски партнери на Иран се зависни, и тоа влијае врз нивната подготвеност да го ризикуваат нивниот пристап во САД, за да тргуваат со Иран. Поголема е веројатноста СПВ да ги користат малите или средни компании, отколку големите – додава Нефју.

Според експертот Леј Хансон, друг проблем е тоа што производот искористен во СПВ за трговија со Иран исто така може да ги прекршува секундарните санкции.

– Самата трансакција ќе биде проблематична – предупредува Хансон.

Истовремено, покрај дозволата за некои земји да продолжат со купување иранска нафта, поддршката од Кина, најголемиот трговски партнер на Иран, може да биде од клучно значење. Последниот пат кога беа воведени санкции за иранскиот нафтен сектор, во периодот 2010-2016 година, извозот на Иран опадна за речиси половина.

Нема сомнежи дека извозот и овој пат ќе страда, но исто така јасно е дека Иран и другите негови трговски партнери напорно ќе работат на одржувањето на трговските врски.

– Нема илузии за тоа колку многу ќе биде болно овој пат. Но Иран претходно преживеа повеќе рунди санкции – оценува Ели Геранмаје, експертка од Европскиот совет за надворешни работи.

Иранците сега ќе бидат принудени да најдат креативни начини да продаваат нафта, користејќи го повеќегодишното искуство од животот под претходните санкции. Истовремено, за да го пополни јазот од загубените европски инвестиции, Иран ќе се фокусира кон Истокот, за да оствари нови врски со Русија и со Кина, заклучува Би-би-си.