ЕУ е недоволно посветена на решавањето на проблемите во своето соседство

Но неколку недели пред будењето на народот во Минск, во блиското соседство на ЕУ, па и на нејзина територија, се случуваа(т) протести што не предизвикаа преголема возбуда во Брисел

Последните настани во Белорусија, каде што се одржуваат протестите на незадоволните граѓани и од опозицијата, кои бараат оставка од претседател на државата Александар Лукашенко, ја ставија на тест политиката на Европската Унија, која се практикуваше кон земјите во нејзиното поблиско соседство. Во Брисел преовладуваше уверувањето дека „кршливоста“ на општествата, кои беа својствени и за Украина, и за нестабилниот авторитаризам во земјите од Северна Африка и Блискиот Исток и дедемократизацијата во Турција и Западен Балкан, може да трае до недоглед. Она што се случи во Либан и во Белорусија, двете земји во кои се покажа одржувањето на „кревкоста“, никогаш не може да биде постојана состојба, пишува „Политико“.

Но неколку недели пред будењето на народот во Минск, во блиското соседство на ЕУ, па и на нејзина територија, се случуваа(т) протести што не предизвикаа преголема возбуда во Брисел. Колку за потсетување, протестите во Бугарија, кои се насочени кон начинот на владеењето на премиерот Бојко Борисов, сѐ уште траат. Коментарите на некои независни политички аналитичари во Бугарија беа дека официјалните претставници на ЕУ „замижуваат“ пред многубројните корупциски скандали поврзани со членови на бугарската владејачка партија ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија). Пред сѐ, се работи за воспоставување целосна контрола над политиката, стопанството, правосудството и медиумите, што е постепено постигнато за време на трите мандати на Борисов. Тоа е период во кои настана „држава во сенка“, со невидливи центри на моќ и судство, кое речиси во целост е под контрола на извршната власт, пишува „Дојче веле“.

На почетокот на јули во Белград, по завршувањето на парламентарните избори во земјата се одржаа насилни протести, а повод беа драстичното зголемување на бројот на заболени од коронавирусот и лошото менаџирање со здравствената криза. Дел од опозицијата не учествуваше на изборите поради нееднаквиот третман во медиумите во кои централно место се информациите за активноста на српскиот претседател Александар Вучиќ. Во исто време беше обелоденета аферата за продажба на оружје. „Шпигел“ во последниот текст посветен на Србија пишува дека Вучиќ, како претседател на државата, има мали овластувања, но фактички неограничено владее со земјата. Неговата моќ, по изборите, се засилува затоа што опозициските партии се расцепкани и немаат поголем кредибилитет.
„Од ЕУ или од дипломатскиот Берлин, кој е особено активен во регионот на Западен Балкан сѐ уште не излегле со јавни критики поради перење пари. За Брисел и за Берлин е најважно да не ја изгубат Србија како партнер во решавањето на конфликтот на Косово“, пишува во текстот на германскиот весник.

Црна Гора подолго време се наоѓа во вонредна политичка состојба, која ескалира по судирот меѓу приврзаниците на Српската православна црква и актуелната власт за сопственоста на црковниот имот. На ова се надоврзуваат и проблемите во економијата, како последица од епидемијата, но и сѐ поголемите разлики меѓу опозицијата и партијата на власт предводена од Мило Ѓукановиќ, кој повеќе од 26 години ја води државата. За крајот на август се закажани парламентарните избори, а новата победа на Ѓукановиќ може да предизвика нови протести од партиите, кои предолго се наоѓаат во опозиција.
Каква ќе биде разврската од политичката криза во Белорусија и што ќе се случи со „вечниот“ претседател Лукашенко, кој е повеќе од две децении на власт, ќе се знае пред сѐ од одговорот на Москва. Судбината на државите во блиското опкружување на ЕУ е ставена во рацете на големите центри во светот.

Но како што се заклучува во текстот на „Политико“, институциите на ЕУ ќе треба да поттикнат мерки за зајакнување на „проблематичните“ соседи, со почитување на правото, намалување на социоекономските нееднаквости, реформите во безбедносните сектори. Бидејќи Комисијата и Европскиот совет влегуваат во преговори за буџет со Европскиот парламент, сè уште има простор да се обезбедат ресурсите за решавање на кршливоста на државите надвор од границите на ЕУ.