Џо Бајден

Гардијан

Џо Бајден се извинуваше заради непримерното однесување кон жените. Пит Батигиг се извинуваше заради фразата „сите животи се важни“. Талси Габард се извинуваше за нејзините коментари околу хомосексуалноста. Кирстен Гилибранд за нејзините ставови за доселениците. Камала Харис за ставовите за кривичната правда. Бето О’Рурк, затоа што се шегуваше на сметка на сопругата и на децата. Берни Сандерс затоа што членовите на неговата последна кампања вршеле сексуално вознемирување. Елизабет Ворен за нејзиното индијанско потекло.

Демократите кои се во трката за претседателска кандидатура за 2020 година се на „извинувачка турнеја“, сакајќи да се искупат за минатите политички гревови. Некои гласачи сметаат дека ова е противмерка за Доналд Трамп, но и задоцнет обид да се кренат повисоко општествените и политичките стандарди во 21-от век. Други чекаат да видат дали поддржувачите на кандидатите ќе се подриваат меѓусебно преку тестовите за „будење на свеста“, кои неповратно ќе ја поделат партијата.

Во саботата Барак Обама порача од Берлин дека „едно од нештата кои навистина понекогаш го загрижуваат за прогресивците во САД е тоа што постои одредена нефлексибилност кога „се извинуваат и го кажуваат својот став“, а понекогаш одредена група запаѓа во меѓусебно самоуништувачки конфликт, поточно кога меѓусебно жестоко се напаѓаат, критикуваат и обвинуваат затоа што застраниле од вистинскиот пат“.

Стандардното каење алармираше одредени политичари, како и дел од јавноста, кои тврдат дека единствениот приоритет за 2020 година мора да биде пораз за Трамп кој никогаш за ништо не се извинува.

Минатиот месец, откако бизнисменот-милијардер и поранешен градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, најави дека нема да се кандидира за претседател, порача дека нема да им се приклучи на „извинувачката турнеја“ на демократите.

– Џо Бајден се извини затоа што е машко, затоа што има над 50 години и е белец. Се извини поради дел од еден закон, кој всушност е многу добар закон против криминалот, кој ако го прочита некој од либералите, ќе увиди дека тој опфаќа политики за кои тие се залагаат. Со сигурност многу ќе им се допаднеше, но тие не се ни потрудија да го прочитаат. Ако се залагате против криминалот, тогаш мора да сте и против популистите – изјави тој.

Бајден, кој сè уште официјално не најави дека ќе се кандидира за претседател, изминатата недела се справуваше со обвинувањата на жените кои тврдеа дека неговите прегратки, бакнежи и други видови на изразување на наклонетост не биле соодветни. Минатиот петок тој шеговито коментираше за обвиненијата и потоа половично се извини.

– Се извинувам што не сфатив добро. Не се извинувам за моите намери. Не се извинувам за нешто што не сум го направил. Никогаш свесно не сум се однесувал со непочитување кон ниеден маж или жена – изјави тој.

Негативните критики кон 76-годишниот поранешен сенатор и потпретседател, односно креаторот на законот за насилство кон жените од 1994 година, предизвикаа контранапад од симпатизерите и од критичарите на Трамп.

Мика Бжезински, водителка на една американска неделна утринска телевизиска програма, сугерираше дека движењето „И јас“ (#МеТоо) може да се сврти против демократите и предупреди дека „самите ги уништуваат успесите“.

– Уништуваат сè што може да го победи Трамп, и воедно, луѓето кои им помагаа на жените да успеат, кои се бореа за еднакви плати, кои правеа сè во нивна моќ за почитта кон жените“ – кажа Бжезински.

Републиканците сметаат дека имаат можност да ги оцрнат демократите дека се занимаваат само со идентитетските политики и пропагирањето на вредностите.

Рич Лаури, уредник во „Нешенел ривју“, во февруари напиша дека „на демократите ќе им се случи „будење“ пред првите прелиминарни избори, односно тешкиот процес на политичка коректност кој рутински наложува кандидатите понизно да се извинуваат и да бараат вина дури и во најсигурните.

Но многумина од левицата тврдат дека официјалните ставови на кандидатите се во согласност со законите и не треба да паднат на провокациите на Трамп кој во секој случај ќе ги прикаже како социјалисти. Наместо тоа, тие се оние кои ги поставуваат принципите и треба да ги кренат стандардите.

Подготвила: Билјана Здравковска