Во „Восток-2018“ учествуваат 300.000 руски војници и 3.000 кинески војници, според руските власти и медиуми

Русија ги завршува најголемите воени вежби од Студената војна „Восток-18“. Додека едни се занимаваат со вистинскиот број на учесници, други посочуваат оти е побитно дека на маневрите учествуваат кинески сили, со што се испраќа порака до САД

Руската војска ја завршува својата најголема воена вежба по Студената војна во Сибир, а во маневрите учествуваат и кинески сили. Но воените вежби претставуваат кревко партнерство од интерес, а не голем сојуз против САД, оценуваат за „Политико“ американски функционери, воени лица и аналитичари.
Руските медиуми ги најавија вежбите како најголеми маневри во изминатите децении, во кои учествуваат 300.000 војници што вежбаат да се одбранат од поморски и од воздушни напади и да ги разработат воените лекции научени во Сирија. Во вежбите учествуваат и околу 3.000 кинески сили.

Пентагон и разузнавачките служби на САД внимателно ги следеа вежбите што почна на 11 септември, а завршуваат денеска, и кои вклучуваат хеликоптерски и падобрански слетувања на руските сили. Сателитските слики, исто така, покажуваат формации од оклопни возила собрани на парада, на која присуствуваше и претседателот Владимир Путин.
Но луѓето што внимателно ги проучуваат активностите на руската војска велат дека не треба да се земаат здраво за готово официјалните бројки од Москва за војниците што ги учествуваат во вежбата.

– Мислам дека најверојатно ги преувеличуваат бројките – изјави пензионираниот генерал-полковник Бен Хоџис, кој беше врховен командант на армијата на САД во Европа до почетокот на оваа година.

Хоџис посочува дека за време на ланската вежба „Запад 2017“ на европскиот исток на Русија, Москва го направила спротивното, односно тврдела дека учествувале само 13.000 војници, иако „секој професионален војник и набљудувач знае дека учествуваа 100.000 војници“.
Најновата вежба е позната како „Восток-2018“, по источната воена област каде што се спроведува. Таа доаѓа девет месеци откако секретарот за одбрана на САД, Џим Матис, ја претстави новата национална стратегија за одбрана, која става нов акцент на „стратегиската конкуренција“ од Русија и од Кина поради влошувањето на односите на САД со двете земји.

– Воените игри на рускиот Далечен Исток се надгледувани од меѓународни воени набљудувачи, кои би можеле да обезбедат податоци за реалните бројките на војниците на Русија – вели Мајкл Кофман, кој ја проучува руската војска во Центарот за поморски анализи, организација поврзана со американската влада.
Според него, тоа значи дека руската војска може да ги преувеличи бројките, па затоа најбезбедно е официјалната бројка да се подели со три.

– Сè уште тоа е многу голема вежба, но сметам дека учествуваат помалку од 100.000 војници – вели Кофман.

Некои аналитичари, пак, посочуваат дека поголемо значење од самите бројки има присуството на кинеските војници, особено затоа што се веруваше дека претходните руски вежби во регионот делумно биле организирани за да се вежба одбрана и од евентуални кинески напади, пренесува „Политико“.

– Она што е различно во врска со оваа вежба е кинеското учество, кое е релативно мало, но испраќа важен сигнал. Русија му кажува на Пекинг дека Кина повеќе не е во фокусот на руското планирање на Далечниот Исток и сигнализира до САД и НАТО дека ако односите останат лоши, Русија има и други опции – нагласува Џефри Манкоф од Центарот за стратегиски и меѓународни студии и поранешен советник за односите на САД и Русија во Стејт департментот.

Според Кофман, пак, Русија и Кина не се „сојузници“, туку реагираат на притисокот од САД и сигнализираат дека не се гледаат како меѓусебна закана. Конечно, додава тој, двете сили беа посочени како стратегиски конкуренти во американската национална стратегија за одбрана.

Но актуелни и бивши високи функционери на САД засега не гледаат поголема закана од зближувањето меѓу Русија и Кина и на него пред сѐ гледаат како на брак од интерес, кој нема долго да трае поради длабоко вкоренетото ривалство помеѓу Москва и Пекинг.

– Не гледам нешто што долгорочно би ги поврзало Русија и Кина – изјави Матис.
И други се согласуваат со оцените на секретарот за одбрана на САД.

– Овие вежби се планирани со месеци, ако не и со години однапред, па ова не е нешто што се случи во текот на ноќта. Не верувам дека оваа вежба укажува на поширока алијанса против САД, но јасно е дека овие две земји ќе продолжат да соработуваат за да ги уништат американските интереси во Азија – вели Марк Симаковски од Атлантскиот совет.

Манкоф, бивш советник за Русија во Стејт департментот, посочува дека рускиот Далечен Исток е далеку од територијата на НАТО.

– Не сметам дека Кина сака да почне нов конфликт или да се оптовари со обврски што произлегуваат од членувањето во алијанса. Нема ништо што укажува на провокација или закана за НАТО. Русите и Кинезите не се подготвуваат да почнат војна против никого – нагласува тој.

На попрактично воено ниво, и руската и кинеската војска ќе имаат корист од вежбата, главно поради тоа што обемот на „Восток-2018“, дури и ако е помал од тврдењата на Русија, сѐ уште е многу поголем од сличните воени игри на НАТО, на кои најмногу учествуваат околу 40.000 војници.

– Вежбата го нагласува акцентот што Русија го става на брзата, масовна мобилизација и распоредување на големи растојанија. Тоа загрижува, бидејќи САД и НАТО не прават толкави растојанија – вели Јан Бжежински, бивш претставник на Пентагон, кој ја надгледуваше политиката кон НАТО и кон Европа во администрацијата на Џорџ Буш.

Според Кофман, воените вежби „Восток-2018“ исто така нудат можност да се проучат лекциите што научи руската војска во Сирија. Иако руското воено присуство во Сирија е релативно мало, тоа сепак беше искористено од сите руски воени разграноци, кои ја искористија можноста да ротираат што е можно повеќе високи офицери на кратки, тримесечни распоредувања за да добијат вистинско искуство.

– Русите навистина учат како да се борат во Сирија, како да искомбинираат војување со оружје и војување со информации, гледајќи како со години тоа го вежбаа САД и нивните сојузници. Овие вежби се проучување на лекциите од Сирија од целата војска – нагласува Кофман.

Според него, иако Русите тврдат дека вежбите не се насочени кон кој било конкретен непријател, реалноста е дека тие вежбаат одбрана од напади од САД.

Русија негира дека вежбата се фокусира на секој потенцијален непријател.
– „Восток-2018“ не е насочена против други земји и е во согласност со нашата воена доктрина, која има одбранбен карактер – нагласи Николај Лахонин, портпарол на руската амбасада во Вашингтон.

Но американската војска ја повика Русија да открие повеќе детали за вежбата.
– Русија го задржува правото да вежба на своја територија, ние ја повикуваме да преземе чекори и да сподели информации во врска со своите вежби и операции – изјави портпаролот на европската команда Џозеф Хонц.


Кој кому повеќе му е потребен

За Кинезите воените игри се можност да научат лекции од Русите за мобилизација и за распоредување на силите, области за кои Кина има уште многу да учи, смета пензионираниот американски генерал-мајор Бил Хикс.
– Но, реално, Русите имаат многу поголема потреба од Кинезите отколку обратно. Не гледам дека Кинезите сериозно ги сметаат Русите за важен стратегиски партнер. Кинеската воена моќ е многу поголема од руската и затоа соработката е повеќе тактичка, а не стратегиска – заклучува Јан Бжежински, бивш претставник на Пентагон.