Земјите од Г20 повикаа на поголема соработка меѓу државите за да се надмине влијанието од пандемијата

Финансиски претставници на 20-те најмоќни економии во светот постигнаа договор со кој им се замрзнуваат долговите на најсиромашните земји за најмалку шест месеци по крајот на 2020 година, како поддршка на глобалната економија за време на пандемијата на коронавирусот

Богатите ќе им помогнат на слабите економии во борбата со ковид-19

Големите економии на Г20 и гувернерите на централните банки на земјите-членки на оваа група начелно се согласни да ги замрзнат долговите на најсиромашните земји за најмалку шест месеци по крајот на 2020 година, како поддршка на глобалната економија за време на пандемијата на коронавирусот. На виртуелниот состанок, кој се одржа вчера под саудиското претседателство, се разговараше и за ажурирањата на акцискиот план на Г20, како и за напредокот направен во иницијативата Г20 за суспендирање на исплатата на услугите на долгови и предлогот истиот тој да се продолжи до 2021 година.
Во нацрт-документот, кој се очекува да биде усвоен, министрите за финансии и гувернерите на централните банки од групата 20 земји соопштија дека за оваа одлука ќе спроведат ревизија во април следната година на прашањето дали е потребно дополнително да се продолжи замрзнувањето на задолжувањата на шест месеци, пренесува „Танјуг“.
Во меѓувреме, претставникот на ООН за хуманитарни работи, Марк Лукок, изјави дека поддршката за сиромашните земји во борбата против коронавирусот досега била „во голема мера несоодветна“ и затоа ги повика богатите земји да донираат повеќе, јави АП.
Во таа насока, Обединетите нации го зголемија и својот хуманитарен апел за уште една третина, на 10,3 милијарди американски долари помош за 63 земји, претежно во Африка и во Латинска Америка, за спречување на ширењето на коронавирусот.
– ОН во март побараа две милијарди американски долари и потоа во мај 6,7 милијарди американски долари, а досега добија само 1,7 милијарда долари – рече Лукок.

Тој на членовите на Г20, чии министри за финансии деновиве имаа виртуелен состанок, им порача дека сега треба да издвојат повеќе или „да ја платат цената подоцна“.
Паралелно на ова, претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас, во понеделникот ги повика Г20 исто така да го продолжат замрзнувањето на долговите кон посиромашните земји до крајот на следната година и напомена дека стартап-фондовите за помош на економиите заедно со Кина мора подобро да функционираат. Светската банка проценува дека со последната одлука на Г20 би можело да придонесе нациите да заштедат околу 12 милијарди долари, средства што всушност се должат од страна на владите кон меѓународните организации оваа година.
– Во моментов консензусот е до јуни и не е цела година, но тоа е една од работите што може да се промени во текот на следните неколку дена – рече Ерик Ле Компт, извршен директор на јубилејната мрежа на САД, непрофитна групација што се залага за олеснување на долгот за помалите економии.

Како што пишува „Блумберг“, одложувањето на долгот ќе биде клучна тема на годишните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд што ќе се одржуваат од следната недела. Дополнително, помалата групација на моќни држави наречена Г7 минатиот месец исто така даде поддршка за продолжување на таканаречената ДССИ-мерка (за одложување на долговите), истовремено сигнализирајќи критики за Кина за неуспехот да учествува во оваа мерка во целост. Инаку засега, како што наведува „Блумберг“, на Кина ѝ се должат речиси 60 отсто од парите што најсиромашните нации во светот треба да ги вратат оваа година.