Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска на Твитер објави дека од Рохинџите кои избегале од Мјанмар во Бангладеш слушнал „незамисливи приказни за убиства и насилства“.

По посетата на бегалските кампови во областа на Кокс Базар во Бангладеш, Гутереш напиша дека стотици илјади Рохинџи муслимани кои се засолиниле таму сакаат „правда и безбедно да се вратат дома“.

Гутереш е во посета на Бангладеш за да се сретне со бегалците кои бараат заштита од Обединетите нации.

Околу 700.000 Рохинџи ја преминаа границата меѓу Мјанмар и Бангладеш за да избегаат од насилство кое врз нив го вршат вооружените сили на Мјанмар. Се претпоставува дека за време на операциите, кои САД и ОН ги нарекоа „етничко чистење“, биле убиени илјадници Рохинџи.