Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш денеска ги повика светските лидери сериозно да ја сфатат опасноста од глобалното затоплување и да преземат одлучна акција за да спречат катастрофален пораст на температурите.

– Климатските промени се најважно прашање со кое се соочуваме, истакна Гутереш на денешното свечено отворање на самитот на ОН за клима во полскиот град Катовице.

Првиот човек на Светската организација ги прекори земјите, посебно оние кои се најодговорни за емисија на штетни гасови, затоа што не направиле доволно за да ги исполнат целите на Парискиот договор за клима.

Договорот, потпишан во 2015 година, постави за цел одржување на глобалното затоплување значително под ниво од два Целзиусови степени, при што идеално ниво би било 1,5 степени, до крајот на векот.

Гутереш ги повика земјите да вложат напори со цел до 2050 година процентот на штетни гасови што ги емитуваат да биде на нула и радикално да ја намалат употребата на фосилни горива како што е јагленот.