Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, предупреди на потенцијална нова студена војна помеѓу Кина и Соединетите држави и побара од земјите да го поправат својот целосно нефункционален однос.

– Односот помеѓу Кина и Соединетите држави денес е целосно нефункционален. Имаме различни перспективи во различни области и нормално е дека има некои несогласувања. Тоа е прашање на човекови права, геостратешки прашања, како и прашањето за Јужното Кинеско Море – рече Гутереш.

Додаде дека постојат области каде што постојат заеднички интереси и потребна е силна соработка, како што е случајот со климатските промени. И постојат области каде што треба да се водат сериозни преговори – трговија и технологија.

– Мораме да ја избегнеме Студената војна по секоја цена, која би била различна од претходната и веројатно поопасна и потешка за управување – рече генералниот секретар на ОН.