Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди на можноста од нова Студена војна доколку Соединетите Американски Држави и Кина, според него, не го поправат целосно нефункционалниот однос пред проблемите меѓу двете земји да се прошират на остатокот од планетата.

Во интервју за светски агенции, Гутереш рече дека двете големи светски економии треба да соработуваат во областа на климатските прашања и поактивно да преговараат за трговија и технологија, и покрај постојаните политички несогласувања во областа на човековите права, економијата, безбедноста на Интернет и суверенитетот во Јужното Кинеско Море.

“За жал, денес имаме само конфликт. Треба повторно да воспоставиме функционален однос помеѓу двете сили”, рече Гутереш, нарекувајќи го неопходно изнаоѓањето на решение за вакцинацијата, климатските промени и многу други глобални предизвици кои не можат да се решат без конструктивни односи во рамките на меѓународната заедница и меѓу суперсилите.

Пред две години, Гутереш ги предупреди глобалните лидери за ризикот од поделба на светот на два дела, во кои САД и Кина ќе создадат ривалски Интернет, валута, трговски и финансиски правила, како и свои геополитички и воени стратегии.

Тој го повтори тоа предупредување додавајќи дека двете ривалски геополитички и воени стратегии ќе претставуваат „опасност“ што ќе го подели светот.

Затоа, како што нагласува, нивната врска мора да се подобри многу брзо.

„Мораме да ја избегнеме Студената војна по секоја цена, која би била различна од претходната и веројатно поопасна и потешка за управување“, предупреди Гутереш.

Тој додаде дека договорот меѓу САД и Велика Британија за помош на Австралија во изградбата на подморници со нуклеарен погон е само мал дел од посложената загатка на овој целосно нефункционален однос меѓу Кина и САД.