Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш изјави дека е многу загрижен поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, Вашингтон да се повлече од Договорот за иранската нуклеарна програма и ги повика земјите потписнички на договорот да се придржуваат до преземените обврски.

– Од суштинско значење е сите грижи поврзани со примена на планот да бидат решени преку механизмот воспоставен со Заедничкиот сеопфатен акциски план. Прашањата што не се директно поврзани со Планот би требало да се решат без предрасуди за да се зачува Договорот и неговите достигнувања – посочи Гутереш.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.