Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази жалење поради „бројката која го крши срцето“ – два милиони починати во светот од коронавирусот, и се осврна на фактот дека солидарноста опаѓа во одговорот на светот на вирусот.

– Денес сведочиме на вакуум околу вакцината. Вакцините доаѓаат во богатите земји брзо, додека во сиромашните воопшто ги нема. Науката успева – но солидарноста опаѓа – кажа шефот на ОН.

Без наведување имиња, Гутереш го критикуваше тоа што „некои земји договараат дополнително купување од страна, набавуваат повеќе од потребното“.

– Владите имаат одговорност да ги штитат своите жители, но вакци-национализмот ќе ги порази самите земји и ќе го успори глобалното заздравување од кризата. Ковид-19 не може да се победи поединечно, земја по земја – вели Гутереш.

Додаде дека приоритет мора да им се даде на оние кои се наоѓаат „на првата линија на одбраната: хуманитарците и ризичните лица“.

На конференцијата за медиуми претседателот на Генералното собрание на ОН Волкан Бозкир најави дека и тој и Гутереш наскоро ќе се вакцинираат. Шефот на ОН ќе ја прими вакцината следната недела, а Бозкир на 2 февруари.

– Тоа е затоа што Њујорк, каде што се наоѓа седиштето на ОН, има јавно-здравствена политика на давање вакцина на сите постари од 65 години – кажа Бозкир.