Гувернерката на Алабама, Кеј Ајви, го потпиша предлог-законот за забрана на речиси сите видови абортус во таа сојузна држава, а на лекарите кои ќе ја извршат оваа интервенција им се заканува доживотен затвор.

– За бројни приврзаници на овој закон, тоа е моќен доказ за длабокото убедување на граѓаните на Алабама дека секој живот е вреден и дека секој живот е света дарба од Бог – се вели во изјавата на републиканската гувернерка.

Законодавците во оваа југоисточна американска сојузна држава во вторникот усвоија предлог-закон со кој започнаа правна битка за мерката која сега стана најстрогиот закон за абортус во Соединетите Американски Држави, според „Гласот на Америка“.

Американската федерација за планирано родителство вети дека ќе го оспори законот на суд.