Спикерот на венецуелското Национално сoбрание, Хуан Гуаидо денеска се прогласи за вршител на должноста претседател на Венецуела.

– Денеска, на 23 јануари, објавувам дека формално ги преземам надлежностите на националната извршна власт како претседател на Венецуела, за да се стави крај на узурпацијата – изјави Гуаидо во обраќање на антивладиниот протест во Каракас.

Гуаидо раководи со Националното собрание, во кое мнозинство има опозицијата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Како што јави ДПА, прогласот на Гуаидо беше поздравен со аплауз од неколкуте илјади учесници на протестот, кои потоа ја запеаја венецуелската химна.

Ширум Венецуела со денови со одржуваат протести со барање за оставка на претседателот Мадуро.

По самопрогласувањето на Гуаидо, се огласи американскиот претседател Доналд Трамп, која соопшти дека САД го признаваат спикерот на Парламнетот за в.д. претседател на Венецуела.

– Денеска, официјално го признавам претседателот на венецуелското Национално осбрание, Хуан Гуаидо за вршител на должноста претседател на Венецуела – се вели во соопштението на Трамп, во кое се нагласува дека Парламентот е „единствениот легитимен орган на власта“ во земјата.

Трамп при тоа ги повика и другите западни земји да го признаат Гуаидо за претседател, со што, според него, ќе се засили притисокот врз Каракас.

По Трамп, се огласи и генералниот секретар на Организацијата на американски држави (ОАС), Луис Алмагро, кој истакна дека и овој панамерикански блок го признава Гуаидо за времен претседател на Венецуела.

Мадуро беше резибран за претседател на избори одржани лани во мај, кои ги бојкотираше опозицијата и чии резултати не беа признати од ОН, ОАС, ЕУ и повеќе западни земји, вклучително и САД и Австралија, со образложение дека при гласањето имало многу нерегуларности и не било во согласност со демократските стандарди.