Зачестија групите илегални имигранти од Блискиот Исток, кои преку зелениот појас на границата со Грција влегуваат на албанска територија.

Од регионалниот полициски комесаријат во Корча потврдуваат дека речиси секојдевно откриваат групи на имигранти, меѓу кои и жени и деца.

– Од неодамна зачестија групите емигранти кои преку зелениот појас од Грција влегуваат на албанска територија. Во просек групите се по најмалку дваесет лица, меѓу нив и жени и деца. Вчера откривме група од 25 лица меѓу нив повеќе деца и повозрасни лица. Станува збор за Сиријци, Ирачани и Палестинци. Претходниот ден откривме група од 20 нелегални имигранти – се наведува во соопштението од Комесаријатот.

Откако им се земени изјави во Управата за граница и миграција, тие се транспортирани во Центарот за азил во Бабру кај Тирана.

Полициската статистика потврдува дека во изминатиот период од годинава, посебно во последните неколку месеци, откриени се над 3.500 илегални имигранти, чија цел била да транзитираат низ Албанија и да го продолжат патот кон Црна Гора, а од таму кон некоја западно европска земја.

Имигрантите кои главно се од Сирија, од Ирак, од Авганистан и од земјите од Северна Африка, за да бидат пренесени до црногорската граница плаќаат по 500 евра, додека за Италија 1.200 евра по човек.

За справувањето со оваа појава, албанската полиција од средината на јуни ја подигна готовноста со засилување на постојните гранични единици со 200 припадници на единицата за брза интервенција. Тие се распоредени во околината на Корча, подрачја кои се граничат со Грција и со Македонија, во Ѓирокастро на границата со Грција и во Скадар, на границата со Црна Гора.