Поранешната грузиска министерка за надворешни работи Саломе Зурабишвили победи на претседателските избори, објави денеска државната изборна комисија, а Зурабишвили стана првата жена што ја врши функцијата претседател на Грузија.

Шеесет и шестгодишната Зурабишвили освои 59,6 отсто од гласовите по пребројани 99 отсто од гласачките ливчиња, објави Комисијата, додека нејзиниот конкурент Григор Вашадзе, исто така поранешен министер за надворешни работи, освоил 40,4 отсто.

– Земјата денеска донесе клучна одлука…Сите ние, дефинитивно и решително му велиме ‘не’ на минатото – рече Зурабишвили.

Таа се натпреваруваше како независна кандидатка, но беше поддржана од владејачката партија Грузиски сон, која сака да развива односи и со Русија и со ЕУ.

Новата претседателка должноста ќе ја преземе кон средината на декември.