Конференцијата за климата во Глазгов е неуспех, рече Грета Тунберг на протестот во шкотскиот град каде претставници на речиси 200 земји се собраа на COP26 во организација на ОН.

„Не е тајна дека COP26 е неуспех“, рече шведската активистка пред илјадници свои истомисленици.

„Ова повеќе не е климатска конференција. Ова е глобална еко-манипулација на северот, двонеделна прослава на заедничкиот бизнис и глобално бла бла бла“, рече Тунберг.

„Гласовите на луѓето од најтешко погодените области (од климатските промени) и натаму не се слушаат“, нагласи таа.

„Но, фактите не лажат. Веќе знаеме дека нашите цареви се голи“, посочи активстката за лидерите собрани на COP26, па порача: „Историјата строго ќе им суди“.

Тунберг повика луѓето сериозно да размислуваат на оваа тема.

„Мораме да се запрашаме за што се бориме? Дали се бориме за себе или за спас на планетата? Или се бориме да ги задржиме работите такви какви што се?“

„Нашите лидери велат дека можеме да ги имаме и двете, но горчливата вистина е дека во пракса тоа не е можно“, посочи Тунберг, цитирана од агенцијата ДПА.
Денеска млади луѓе во голем број излегоа на улиците во градот домаќин на конференцијата. Учениците ги напуштија училниците и пееја по улиците на Глазгов заедно со младите кои пристигнаа од целиот свет, пишува агенцијата АФП.

Се додава дека младата зелена активистка од Уганда, Ванеса Наката, исто така била меѓу говорниците.

За сабота е закажан втор ден од протестите во Глазгов, по завршувањето на првата од двете недели од COP26 во овој шкотски град.