Младата шведска активистка за борба против климатските промени Грета Тунберг, која од Европа со брод дојде во САД, сега бара брод од САД до Шпанија, каде ќе биде одржан следниот меѓународен состанок за климата.

Таа одбива да патува со авион, бидејќи тоа е превозно средство кое многу ја загадува околината.
– Треба да пронајдам превозно средство преку Атлантикот во ноември. Ако некој може да ми помогне, би била многу благодарна – напиша Грета Тунберг на „Твитер“.

Таа планира да оди во Мадрид, каде во декември ќе биде собирот за климата, кој првично беше закажан во Чиле, но беше откажан поради кризата во таа земја.

Младата активистка на 14 август тргна од Плимут во Велика Британија кон Њујорк, со едрилица без јаглерод. Таа во септември учествуваше на самит на ОН во Њујорк, а потоа патуваше низ САД и Канада.