Дејвид Дејвис, британскиот министер и главен преговарач за брегзит меѓу Лондон и Брисел, поднесе оставка од функцијата зашто повеќе не верувал во планот за излегување на Британија од ЕУ што го усвои британската влада. Оставката на Дејвис, наречен Господин Брегзит, фрла нова сенка врз и онака хаотичните преговори меѓу Британија и ЕУ, оценуваат аналитичари во Брисел.
Дејвис во писмо до британската премиерка Тереза Меј оцени дека Британија прелесно и премногу дава во преговорите со ЕУ. Премиерката не се согласи со ставовите на Дејвис, но му се заблагодари за завршената работа. Оставката е удар за Меј, која сака да триумфира над евроскептичните пратеници во обидите да ја спроведе својата визија за брегзит, оценува Би-би-си.
Британија треба да се повлече од ЕУ на 29 март 2019 година по референдумот во 2016 година, но двете страни допрва треба да се договорат какви односи ќе одржуваат по брегзит.