Полски националисти и десничарски радикали денеска се судрија со полицијата, додека илјадници луѓе им пркосеа на владините мерки против коронавирусот за да се приклучат на парадата на независноста во Варшава.

Неколку полицајци се повредени во судирите, соопшти полицијата на „Твитер“. Според снимките објавени на локалните телевизии, полицијата употребила солзавец и гумени куршуми против демонстрантите кои фрлале со камења и пиротехника.
Учесниците на парадата носеа полски знамиња, а некои дури носеа и плакати на кои пишуваше „Ние ја браниме својата цивилизација“.

Голем број полицајци беа распоредени на улиците, а многу делници беа блокирани.

Парадата се одржува во Варшава секоја година на 11 ноември, на Денот на независноста на Полска. Додека организаторите велат дека тоа е приказ на патриотизам, многумина сметаат дека станува збор за националистички протест.
Градските здравствени власти се спротивставија на одржувањето на парадата оваа година поради страв од ширење на коронавирусот и повикаа на почитување на актуелните ограничувачки мерки.

Организаторите, пак, повикаа на дефиле со автомобили и мотоцикли низ центарот на градот, но многу учесници излегоа од своите возила по споредните улици и продолжија пеш.

Годинашната парада се одржа под слоганот „Наша цивилизација, наши правила“, а постерот со кој се промовираше настанот прикажува витез кој крши ѕвезда во црвена боја и боите на виножитото, очигледна референца за комунизмот и ЛГБТ-заедницата.

Во медиумските извештаи се наведува и дека демонстрантите биле насочени кон апартмани на чии балкони имало поставено ЛГБТ-симболи.
Поради пандемијата, во Полска во моментов се забранети собири на повеќе од пет лица.

Во Полска 11 ноември се празнува како државен празник. Тоа е денот кога Јозеф Пилсудски ја презел командата со полските трупи во Варшава и прогласил независност во 1918 година, што се совпаѓа со потпишувањето на примирје меѓу Германија и Франција.

Заменик-министерот за здравство минатата недела рече дека недоаѓањето на парадата „ќе биде приказ на патриотизам“.