Светот изминатиот викенд одбележи 75 години од крајот на Втората светска војна во Европа. Додека конфликтот во кој беа уништени милиони животи на европска територија засега е само дел од историјата на Западна Европа, во источните делови на конфликтот тој е сурова реалност и денес. На пример украинската криза, која го опустоши регионот Донбас во земјата, досега однесе најмалку 13.000 животи.
Говорејќи за пандемијата на коронавирусот, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, неодамна повика на итен прекин на огнот во светот.
– Нашиот свет се соочува со заеднички непријател ковид-19. Вирусот не познава националност или етничка припадност, фракција или вера. Немилосрдно ги напаѓа сите, додека оружениот конфликт беснее низ целиот свет – посочи тој.

Сепак, апелот на Гутереш за глобален прекин на огнот не ја доби поддршката на САД и на Русија. Американскиот магазин за надворешна политика „Форин полиси“ смета оти двете земји се плашат дека „универзалното прекинување на огнот потенцијално може да ги ограничи нивните напори да го спроведуваат она што тие го сметаат за легитимна операција против тероризмот во странство“.

Според податоците на Проектот за лоцирање и регистрирање податоци за оружените судири во светот (АЛЦЕД), голем дел од планетата во моментот се мачи со конфликти, додека се обидува да се справи и со пандемијата на коронавирусот. Графиконот ги покажува земјите во кои имало извештаи за оружени судири во кои учествувале државни сили и/или бунтовнички групи во 2020 година. Дури со употреба на оваа поедноставена дефиниција, присуството на војна низ целиот свет е распространето.