Едно лице загина во невреме на југот на Тајланд што го погоди познатиот тајландски остров Ко Самуи и покраината Накорн Си Тамарат, каде што денеска се затворени аеродромите, а се очекува истото да го сторат и другите аеродроми.

Властите стравуваат дека тропска бура „Пабук“ ќе биде најлошата во последните неколку децении на Тајланд.

Претставници на службите за итни ситуации соопштија дека загинал рибар чиј брод бил зафатен од силни ветришта во близина на брегот во покраината Патани. Уште едно лице се води како исчезнато, додека четири луѓе биле спасени.

Агенцијата АФП пишува дека сите острови во заливот, посебно Ко Самуи, Кох Па Нган и Кох Тао би можеле да бидат погодени бидејќи Пабук е голема бура.

Агенцијата уште јавува дека стотици туристи се блокирани бидејќи се затворени регионалните аеродроми.

Невремето е проследено со поројни дождови, силни ветришта и морски бранови високи и до пет метри.

Бурата се движи од кон запад од Јужното кинеско море преку Тајландскиот залив, со максимално регистрирана брзина на ветерот од 80 километри на час.

Евакуирани се околу 6.000 жители.

„Пабук“ би можел да стане најлошото невреме што го погодило Тајланд од 1962 година, кога тропската бура „Хариет“ однесе речиси 1.000 животи.