Новиот состав на Европската комисија почна со работа еден месец подоцна од планираното, откако транзицискиот процес беше одложен поради одбивањето на Европарламентот да даде зелено светло за тројца кандидати за комесари од Франција, Романија и од Унгарија. Владите на овие земји-членки мораа да најдат замена за нивниот првичен избор за еврокомесари. На крајот, целиот тим на новата претседателка на Еврокомисијата Урсула фон дер Лејен ја доби потребната поддршка од европратениците. Фон дер Лејен, бивша германска министерка за одбрана и блиска сојузничка на канцеларката Ангела Меркел, е првата жена што застана на чело на ЕК.
Новата шефица на Еврокомисијата доби пофалби поради нејзините напори за создавање родово порамноправна извршна власт на Европската Унија. Па, така, од 27 еврокомесари, дванаесет се жени.

Но Фон дер Лејен го почнува мандатот соочена со големи предизвици, со кои допрва ќе треба да се справи Унијата. Па, така, помеѓу приоритетните прашања се справувањето со климатските промени, реформите на ЕУ, проширувањето со земјите од Западен Балкан, како и финиширањето на процесот за брегзит. Токму поради брегзит, во новиот состав на ЕК нема британски комесар.