Најголемата партија во Европскиот парламент е во безредие. Европската народна партија (ЕПП), централно-десничарската про-ЕУ алијанса, составена од повеќе од 40 партии-членки е вовлечена во расправа за начинот на справување со проблематичната екстремно-десничарска партија Фидеш, предводена од унгарскиот премиер Виктор Орбан, пишува „Форин полиси“.

Од 2010 година, Орбан ја водеше Унгарија долж патот кон автократија, поради што „Фридом хаус“ го деградира статусот на државата од „слободна“ во „делумно слободна“ во извештајот за годинава – што е прв ваков случај во ЕУ. Падот на Фидеш кон автотаризмот резултираше со критики од Европскиот паралемент, но безобѕирната анти-ЕУ кампања, во која беа вклучени плакати со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, претставуваше повод за ЕПП да преземе акција. На партиската конференција во Брисел минатата недела, ЕПП соопшти дека ја суспендира Фидеш, но се воздржа од исклучување на партијата.

Ефектот од мерката, практично, е помал одошто се претпоставува. Фидеш нема да учествува во интерната работа на ЕПП, но нејзините пратеници ќе продолжат со вообичаените активности, односно нивните гласови и делегати и натаму ќе бидат од важност за ЕПП. Причината за благиот пристап на ЕПП е едноставна. Партијата знае дека има подобри изгледи на претстојните избори во Европскиот парламент доколку не ја исклучи Фидеш. Одлучувајќи се за козметичката мерка, ЕПП ги избра амбициите пред принципите. Таквата одлука би можела да ѝ се освети на партијата.

Орбан со години им пркоси на демократските вредности на ЕУ и на ЕПП, по што критицизмот во ЕПП почна да се зголемува, особено минатата година. Сепак, политичките цели за зголемување на моќта ја одвратија ЕПП од преземање драстични мерки. ЕПП сака да оддаде впечаток дека ги зема в обѕир критичарите, но со наближувањето на изборите, исто така ја сака и големата награда што ја носи статусот на најголема партија во Европскиот парламент – можноста да го именува следниот претседател на Европската комисија. „Форин полиси“ затоа наведува оти Брисел склучил „фаустовска спогодба“ со Орбан (Фауст склучува договор со ѓаволот, разменувајќи ја својата душа за бесконечно знаење и световни задоволства во позната германска легенда – н.з.).

Предвидувањата, сепак, сугерираат дека ЕПП, како и другите доминантни партии, ќе претрпи силен удар на изборите во мај. Таа веројатно ќе спадне од сегашните 217 на 178 места во парламентот. Токму затоа, за ЕПП е важен секој глас, меѓу кои и оние на Фидеш (се предвидува дека ќе има 13 пратеници во новиот состав на Европскиот парламент).

Одлуката да му прогледа низ прсти на Орбан, би можела да има и последици врз ЕПП која преку постојано игнорирање на сопствените црвени линии, и преку санкционирањето на унгарскиот премиер, во мера која е прифатлива за него, ги жртвуваше сопствените принципи, кои би можеле да и обезбедат предност на изборите. ЕПП се обидува и да го санкционира и да го задржи Орбан. Можеби нема да успее во ниту една намера.