Во САД во текот на годинава се регистрирани повеќе масовни убиства од кога било досега, односно 2019-та е евидентирана како рекордна година во однос на оваа неславна статистика, наведува Би-би-си. Според податоците собрани од агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП), весникот „Ју-ес-еј тудеј“ и универзитетот „Нортистерн“, годинава се регистрирани 41 напад, во кои се убиени дури 211 лица. Како масовно убиство се дефинира убиство на четири или повеќе лица во ист случај, без вклучување на сторителот.

Во 33 напади, од вкупно 41, било користено огнено оружје, а Калифорнија има најголем број масовни убиства во однос на преостанатите сојузни држави. Но иако најголем број вакви инциденти се забележани во 2019 година, најголем број жртви од масовни убиства е регистриран во 2017. Тогаш во масакри беа убиени 244 лица. Бројот на жртвите беше голем бидејќи во 2017 година се случи и најсмртоносното пукање кон цивили во американската историја, кога 59 луѓе беа убиени на музички фестивал во Лас Вегас.

– Бројот на масовни убиства во САД е зголемен, иако вкупниот број на жртвите е намален – истакнува криминологот и професор на државниот универзитет во Минесота, Џејмс Денсли.

Денсли нагласува дека многу масовни убиства дури и не стигнуваат на насловите страници на американските медиуми затоа што некогаш станува збор и за семејни расправии, конфликти меѓу банди од подземјето или насилства поврзани со дрога, кои не ја засегаат општата јавност.